| четврток, 6 декември 2018 |

Турски разузнавачи помагале во префрлање оружје за исламистите во Сирија

Припадници на турската државна разузнавачка агенција помагале при илегалното префрлање оружје и муниција за исламистичките групи во Сирија, пренесуваат светските агенции, повикувајќи се на судско сведочење на припадници на турската жандармерија.

Според нивниот исказ, во ноември 2013 и во јануари 2014 година група разузнавачи придружувале два конвои од по четири камиони полни со оружје и воена опрема кои потоа биле префрлени на сириската територија под контрола на исламистичките групи.

Камионите биле во реонот на Адана и за случајот се дознало кога полицијата запрела едно од возилата и открила што има во него. Другите возила ја поминале границата, откако интервенирале оперативците на разузнавачката агенција.

Тие им се заканиле на полицајците и го спречиле претресот на другите возила, а потоа со нивна придружба слободно преминале на сириската територија, стои забележано во судскиот извештај од сослушувањето на жандармите за инцидентот.

Сведочењето на жандармите е спротивно на демантите на турските власти, за обвинувањата во дел од меѓународната јавност, дека Анкара испраќа оружје за исламистите во сирискиот фронт и дека учествувала во издигнувањето на џихадистите од Исламска држава (ИД) во главна заканувачка и борбена сила во Сирија, Ирак и во регионот на Блискиот Исток.

Официјален Дамаск, но и некои западни турски сојузници од порано тврдат дека Турција, во настојувањето да се собори од власт претседателот Башар ал Асад, дозволува транспорт на оружје и префрлање на луѓе преку нејзините гранци, кои завршиле кај џихадистите.

Анкара не само што ги отфрла обвинувањата за вооружување на исламистичките групи на територијата на Сирија, туку тврди дека изминатите месеци „значитечно е засилена“ контролата по граничната линија.

Турските власти уште претходно, дадоа своја верзија за случајот со камионите. Според оваа верзија, возилата и припаѓале на разузнавачката агенција, но во нив имало „хуманитарна помош“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top