Една од ѕвездите на американската лејт најт телевизиска програма, Дејвид Летерман, замина синоќа во пензија, во која со снимена видео порака го испратија и четворица поранешни американски претседатели, во текот на чии мандати се емитуваше неговото ток шоу.
Нашиот долг национален кошмар заврши, порачаа Клинтон, Буш и Обама, кој им соопшти на американците дека Летерман заминува во пензија. Само се шегуваш, нели, реагираше Летерман.
Летерман се пензионира по 33 години и 6. 028 епизоди од неговите лејт најт шоуа на американските телевизиски мрежи, „Си-Би-Ес“ и „Ен-Би-Си“.
Последното шоу траеше околу 17 минути повеќе од вообичаениот еден час, а „Си-Би-Ес“ го пушти во целост и покрај нарушената програмска шема. Во воведниот монолог, популарниот Дејв се пошегува и на своја сметка, пренесувајќи наводна изјава на Стивен Хокинг кој математички пресметал дека сите епизоди на неговото шоу, предизвикале околу 8 минути смеа.
На крајот, во чест на Летерман, популарниот бенд Фу Фајтерс ја изведе и песната „Еверлонг“, чија премиера била токму на неговото шоу, 2009-тата година, откако по подолга пауза заради операција на срцето, тој се вратил на работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.