| четврток, 6 декември 2018 |

АЛДЕ бара одговорност од Грција и нормализирање на работата на Собранието

Соопштението на АЛДЕ, објавено во име на нивниот претседател и поранешен премиер на Белгија Ги Верхофштад, е објавено по разговорите во Стразбур чија цел беше да се најде решение за излез од политичката криза во Македонија.

– По преговорите меѓу лидерите на водечките македонски политички партии, пратеничката група на АЛДЕ во Европскиот Парламент очекува решение кое ќе доведе до крај на актуелната криза. Двете партии се согласија да ги стават интересите на Македонија на прво место, и евро-атланската интеграција да биде при врвот на нивните приоритети. Го повикувам премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев да работат на политичко решение на актуелната криза и да најдат начин Собранието да продолжи со работа, на потребните реформи. Во исто време, важно е пристапната перспектива на Македонија да биде појаснета и спорот за името конечно да биде решен. Ова е повик за европското лидерство, и повик за грчката страна да го преземе својот дел на одговорноста за стабилноста на Западниот Балкан – пишува во соопштението на лидерот на АЛДЕ Верхофштад.

Известувачот за Македонија, словенечкиот евро-пратеник Иво Вајгл, кој учествуваше на разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Стразбур и претходно во Брисел, е член на АЛДЕ. Во соопштението на оваа четврта по големина група во Европскиот Парламент, се пренесува и изјава на Вајгл.

– Беше постигната согласност за некои важни принципи за натамошните разговори кои ќе се одржуваат и во Скопје, меѓу лидерите на македонските политички партии, и во Брисел, со учество на евро-пратеници и на Европската Комисија. Иако се уште постојат разлики околу тоа како да ставиме крај на разликите, важно е тоа што политичката криза во земјата, особено по трагичниот инцидент во Куманово, го привлече вниманието на институциите на ЕУ, ОБСЕ, Советот на Европа и НАТО. Македонскиот напредок кон интегрирање во ЕУ беше блокиран премногу години и оваа ситуација придонесе кон продлабочување на политичката криза, иако земјата исполнува многу критериуми за отворање на преговорите – оценува Вајгл.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top