Хрватската политика и јавноста се лажат доколку мислат дека, што се однесува на Хрватите, хашката приказна е завршена, а кон крајот на април или на мај, најдоцна до есенва, Хрватска во нова пресуда на Хашкиот трибунал има реални шанси да биде првостепено осудена како агресор врз Босна и Херцеговина, пишува вчерашен „Вечерњи лист“.
За време на еуфоријата околу ослободувањето на Готовина и на Маркач, некој од врвот на хрватската власт изјавил дека во Хаг нема веќе Хрвати. Но, набргу се сетија, па се поправија дека во Хаг нема веќе Хрвати од Хрватска.
Во Хаг се уште шест Хрвати, претставници на некогашниот политички и воен врв на непризнаената Херцег Босна, потсетува загрепскиот дневен весник.
Таму се воениот премиер Јадранко Прлиќ, министерот за одбрана Бруно Стојиќ, командантите на Главниот штаб на хрватската воена одбрана Миливој Петковиќ и Слободан Праљак, командантот на воената полиција Валентин Ќорќиќ, а началникот на канцеларијата за размена на затвореници Берислав Пушиќ.
Шестемина се обвинети за повеќекратни заеднички злосторнички потфати, здружување со тогашната власт на Република Хрватска поради агресија врз БиХ, како и за етничко чистење на областа на Херцег Босна заради спојување со Хрватска, за создавање „Голема Хрватска“.
Ова судење уште од почетокот е на маргините на интересот на хрватската јавност и, уште полошо, на хрватската официјална политика. Така е и сега, што е чудно, со оглед на тоа што Хрватска тука би можела да „заработи“ и полоша осуда за злосторски потфат од првично пресудената во случајот Готовина – Маркач, пишува „Вечерњи лист“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.