| четврток, 6 декември 2018 |

Европски парламент: ЕУ треба да и помогне на Македонија

Во Европскиот парламент во Стрaзбур заврши дебатата насловена „Кризата и ситуацијата во Република Македонија“, која траеше повеќе од час и половина со учество на над триесет европратеници.
evropskihsahas-parlament1
Високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини беше претставена од еврокомесарот Стилианидес Кристос кој направи преглед на развојот на ситуацијата и политичката криза во Македонија и напорите за нејзино надминување, посебно по настаните во Куманово и неодамнешните протести и митинзи на поддршка.
Стилианидес го поздрави вчерашниот состанок меѓу премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претседателот на СДСМ Зоран Заев како важен чекор во надминувањето на кризата, со оглед на продлабочените разговори и обврската да продолжат во таа насока и подготвеноста да се состанат повторно. Комисијата според него создаде екипа на правници кои ќе се занимаваат со системски прашања за земјата да биде „ставена на шините“  како што заслужува. Според еврокомесарот, колективниот пристап на кризата е добар пример  како различни инсититуции на ЕУ можат да работат заедно и да испратат јасна европска порака.
Едуар Кукан во расправата нагласи дека Македонија е на крстосница, додека Ричард Ховит, се осврна на внатрешната ситуација на земјата.
Алојз Петрле од своја страна смета дека Европската унија треба да дејствува одлучно за да придонесе за стабилизирање на земја која има вистинска европска перспектива. Споредн него, во интерес е  на Европската унија за одржување на европската перспектива на Балканот на вистинскиот пат.
Во однос на Република Македонија,  тој посакува нерешените прашања да се решат за време на преговорите за пристапување. – Бидејќи „чекалната” не ја обезбедува европската трансформативната моќ која е потребна за интеграција на Балканот во Европската унија“, рече Алојз Петрле.
Во тек на дебатата во Европскиот парламент, од една страна дел од грчките и бугарските европратеници ја користеа старата реторика, околу името и доброседските односи, најмалку зборувајќи за темата за која се расправаше, па дури на крајот дојде и до расправа меѓу претседавачот и најстариот европратеник Емануле Глезос околу процедурална постапка.
На повеќе пати европратениците влегуваа во реплика, грчките на оние кои го користеа името Македонија, од другите земји на грчките околу тоа за абсурдноста на спорот со името. Додека тие од десницата и на левицата околу нивната улога во „поддршката“ на сестринските партии во Македонија. Многумина изразија сочувство на семејставата и блиските на загинатите полицајци во акцијата во Куманово, барајќи виновниците да бидат казнети, како хрватската европатреничка Маријана Петир.
Сепак главната порака од дебатата, која заврши информативно без носење на резолуција, е дека на Македонија ЕУ треба да и помогне, и да ја исправи грешката со десетгодишното чекање на преговори, бидејќи Македонија во моментов се наоѓа на крстосница.
Комесарот Стилианидес во завршниот збор, посебно нагласи дека политичката инцијатива која  е во тек, важно е сега да се зачува со конструктивен пристап од сите страни, за да иницијативата ја постигне целта.
Тој вети дека Могерини и Хан директно ќе ја следат истата и ќе ги информираат европратениците во случај на влошување на ситуацијата, но се надева дека инцијативата на комесарот Хан ќе донесе плодови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top