Европските министри за финансии и кипарските власти го договорија пакетот помош за Кипар. Претседателот Анастасиадес се сложил со пакетот помош вреден 10 милијарди евра од Европската централна банка, со обврска Кипар да ги реструктуира двете најголеми банки за што најмногу ќе настрадаат оние со сметки над 100.000 евра.
Агенциите јавуваат дека Анастасиадес неколку пати се заканил дека ќе поднесе оставка одошто да се согласи на мерките со кои би се загрозил статусот на Кипар како даночен рај и оф-шор за претежно руски клиенти. Соочен со заканите дека Кипар уште денеска или утре би можел да биде исклучен од евро зоната, кипарскиот претседател се согласил на условите кои ги поставила таканаречената тројка.
Банките на Кипар се затворени уште од минатата недела, а подигнувањето на готовина е ограничено на 100 евра дневно по паниката предизвикана од најавите дека државата ќе повлече пари од сметките на сите штедачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.