Францускиот европратеник Данжан, кој е добар познавач на Балканот, како поранешен разузнувач, а сега известувач за безбедносни и одбранбени прашања во Еевропскиот парламент, цени дека во Македонија има политички, а не безбедносен проблем.
– Безбедносното прашање е последица, засега за среќа само минимална, иако имаше трагични настани, тоа сепак останува под контрола. Проблемот поврзан со Македонија во европското и меѓународното раководење со него е политички проблем, а не безбедносен. Безбедноста произлегува од политичката блокада зарди ирационален проблем, изјави Данжан.
Францускиот европратеник нагласи дека е време својата одговорност за состојбите во Македонија да ја преземат извесен број на европски и други држави.
– Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Десет години подоцна преговорите кои требаше да зпочнат многу порано се уште не се отворени. Предизвиците со кои се соочуваме сега во Македонија произлегуваат воглавно од овој проблем, потенцира Данжан.
Тој, како што вели, воопшто не верува во теориите на заговор околу Македонија и додава дека не треба да се потценат ниту поделбите кои постојат во македонкото општество, кои не се само етнички.
– Не можам повеќе да ги слушам последниве денови „големите теории на заговор“ кои ја поврзуваат кризата во Македонија со конфротацијата Запад-Исток, Русија-САД, или со етничките проблеми меѓу Албанците и Македонците. Тешкотиите во Македонија се политички. Ние ги познаваме слабостите кои постојат внатре во македонското општество и во македонската политичка елита. Секој треба да покаже голема одговорност и да се врати на порационални позиции и тогаш ќе најдеме решенија, потенцира Данжан.
Токму на изнаоѓање на рационално решение за актуелната ситуација се зафатија лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски и претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев. Тие со помош на тројцата европратеници олеснувачи, Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит и еврокомесарот Јоханес Хан преговараа над десет часови во Стразбур. Разговорите се оценети како „искрени“, при што се поздравуваат и напорите на лидерите на партиите да работат кон договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди.
Кукан еден од „олеснувачите“ смета дека Европската унија има вистинска одговорност во однос на случувањата во Македонија.
– Да се биде земја кандидат во период од осум или девет години, и секојпат постојано да ви се кажува секогаш истото, но со некои различни зборови во етапните извештаи, не може да се каже дека им помага на раководните политички елити во Македонија и дека тоа предизвикува многу ентузијазам кај нив за ЕУ, изјави Кукан.
Словачкиот европратеник и известувач во сенка за Македонија потенцира дека случувањата во Куманово само ја засилуваат потребата ЕУ побрзо да го реши проблемот со почетокот на преговорите за членство.
– Би било добро да се располага со една анализа на она што требаше да биде подобро направено, но има прашања кои стагнираат, бидејќи сега се наоѓаме во ситуација која не може да потрае подолго. Трагичните настани од Куманово само ја засилуваат потребата Европа да ги реши овие прашања, односно да ги земе посериозно, ако не може да ги реши. Европа тука има одговорност, има вистинска одговорност, нагласи Кукан.
Вечерва ЕП ќе расправа за Македонија, но не е предвидено гласање на резолуција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.