Семејството на 76-годишниот Киро Деловски, кој го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа на 8 октомври минатата година, на крстосницата на улиците „Франклин Рузвелт“ и „Руѓер Бошковиќ“ во Скопје, а во која учествуваше фолк-пејачката Андријана Алачки, упати отворено писмо до јавноста.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
Ви се обраќаме во врска со вчера објавените прилози во медиумите за отфрлање на кривичната пријава од страна на Основното јавно обвинителство против Андријана Алачки заради „немање“ вина во сообраќајната незгода на ул. „Рузвелтова“, при што со смртни последици се здоби нашиот татко и сопруг, Киро Деловски.
Згрозени сме од крајно непрофесионалниот однос на Основното јавно обвинителство, кое го објави ова соопштение во јавноста, без претходно ние, како семејство да бидеме известени за истото. Притоа, никаде не се наведува дека ова решение не е конечно, бидејќи конечниот збор ќе го даде Вишото јавно обвинителство, за кое се надеваме дека ќе има доблест да ги земе предвид сите релевантни факти и околности при донесувањето на решение.
Вештачењата кои ги зема предвид Основното јавно обвинителство се во спротивност со вештачењето направено од вешто лице ангажирано од наша страна, при што зачудувачки е фактот што веројатно ниеден од наводите во ова вештачење не е земен предвид при донесување на решението.
Станува збор за човечки живот и неразбирливо е со каква леснотија Основното јавно обвинителство, а првенствено Бирото за судски вештачења, утврдиле дека возачот на моторното возило нема вина во сообраќајната незгода која се случи во централно градско подрачје, на крстосница со двоен пешачки премин, каде неминовно е вниманието на возачот да биде упатено на пешачкиот премин, како и на пешаците кој во тој момент го минувале коловозот.
Дали смртните последици се резултат на „соодветното реагирање“ на возачот, како што се наведува во вештачењето што Основното јавно обвинителство го зема за релевантно?! Значи ли ова дека сите “медиумски експонирани личности” можат да усмртат било кого и за истото да не одговараат?!
Сепак, цениме дека Вишото јавно обвинителство ќе најде за сходно да го преиспита целиот овој случај, кој според нас е контрадикторен и притоа ќе утврди колкава е вината на секој од учесниците во сообраќајната незгода.
Во интерес на „истрагата“, како семејство во изминатиот период не дававме никакви коментари на информациите кои беа пласирани во јавноста, надевајќи се дека самата истрага ќе биде водена професионално и непристрасно. Од досегашните резултати, уверени сме дека истрагата била се, само не непристрасна и објективна.
Срдечен поздрав, Семејство Деловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.