| четврток, 6 декември 2018 |

Се чека вештачење на психичката состојба на осомничениот за убиството на матурантот Ангел

wpid-sudenje-angel.jpg1
И денеска се сослушуваа сведоци за судскиот предмет за убиството на Ангел Петковски во Ѓорче Петров. Во судот беше испрашуван полицаецот Алмир Тутиќ, сведок предложен од страна на одбраната на обвинетиот Насер Ештрефи. Тој бил на смена во полициската станица Ѓорче Петров на 19 мај минатата година, во периодот кога беше убиен матурантот Ангел.

Тутиќ посочи дека негова задача и на неговиот колега била да го преземат обвинетиот од ПС Ѓорче Петров и да го предадат во ПС Кисела Вода. Тој изјави дека со обвинетиот не разговарал бидејќи возел.

-Колегата седеше позади со него. Тој лично не ми кажа ниту дека пробол некого ниту дека употребил нож.
Не се сеќавам дали имаше видливи повреди или дали имаше оштетувања на облеката – изјави полицаецот.

Тој додаде дека од од колегата што им го преда дознале дека Ештрефи е осомничен за убиство. Кога пристигнале во ПС Кисела Вода само го предале обвинетиот и го потпишале записникот.

Полицаецот е последниот сведок предложен од страна на одбраната. За следното рочиште треба да бидат сослушани техничките советници, кои вршат вештачење на психичката состојба на обвинетиот, поради тврдењето на адвокатот дека Ештрефи бил непресметлив во моментот кога го извршил убиството.

– Психолог изврши увид во списите на предметот на 7 мај. За вакво техничко вештачење потребно е минимум еден месец, додека не се подготви наодот и мислењето – рече адвокатот Ангел Ѓоргиев.

Обвинителот реагираше на одолговлекувањето на добивањето резултатите од вештачењето на обвинетиот на што адвокатот Ѓорѓиев истакна дека тој барал вештачење уште од декември, но ниту една институција во земјава не сакала
да го работи овој предмет. Следното рочиште е закажано за почетокот на јуни. Тогаш се очекува вештачењето да биде изготвено и да бидат сослушани вештите лица што го изготвиле. Потоа судот ќе се произнесе и во однос на барањето за реконструкција на настанот.

Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи пред една година. Ештрефи сакал да го украде велосипедот на Ангел од дворот во семејната куќа. По ова настанал инцидент кој заврши со убоди кои беа кобни за Ангел. Обинетиот Ештрефи сам се пријавил во полиција и го признал убиството. По убиството во населбата Ѓорче Петров два дена имаше насилни демонстрации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top