–Нашата желба е Македонија што поблиску да се приближи до европското семејство и еден ден да биде дел од него. Се знаат условите за да се постигне полноправно членство во ЕУ, а на тој пат треба да се напредува – изјави француската амбасадорка Лоренс Оер, денеска на средбата насловена „ЕУ во Македонија – кафе-пауза со Француската амбасада“.
Според неа, се наоѓаме во средина на еден политички дијалог, кој од Скопје, синоќа продолжи во Стразбур, и треба, како што рече, на тој процес да му се дадат сите можности.
– Нема скриени агенди и треба јасно да се кажува состојбата таква каква што е и да им се објаснува на граѓаните затоа што заслужуваат постојано да бидат информирани. Постојат и истраги кои се во тек и чекаме да слушнеме што ќе покажат – изјави амбасадорката Оер.
Таа додаде оти она што беше кажано минатиот понеделник од страна на 6-те амбасадори и тоа на мошне искрен и отворен начин, рече, и се уште важи во целокупниот состав така како што беше кажано.
– Од друга страна сметаме дека македонските граѓани заслужуваат целосно да бидат информирани за преговорите кои се водат и внимаваме на тоа граѓаните да бидат информирани во однос на дијалогот што се води – појасни амбасадорката Оер и додаде оти не треба да постојат некакви сомневања или загриженост.
На новинарско прашање дали гледа генерално напредок по одржаните средби и со власта и со опозицијата, таа одговори дека немало многу средби, туку само две, како што рече, со различните претставници, а оттогаш се случија големи настани.
– Настанот од Куманово што предизвика вистински шок, но не сакам да давам никакви предвидувања во однос на преговорите што се водат затоа што и незнам и што точно се случува и ќе се случува. Преговорите се уште течат, синоќа доцна се водеа во Стразбур, а присуствуваше и европскиот комесар Хан. Да му дадеме шанса на тој систем на преговори што е веќе отпочнат – рече Оер.
Прашана какви се нејзините очекувања дали е можно брзо изнаоѓање решение за политичката криза, амбасадорката Оер истакна дека сите претставници на меѓународната заедница, посебно нејзините европски колеги, не сакаат да даваат коментари затоа што се обединети во овие преговори што се водат, а секој коментар би значел неодговорно однесување од нивна страна.
Француската амбасадорка меѓу другото ги поздрави двата мирни протестa кои се одржаа во Скопје.
Според вицепремиерот Фатмир Бесими, во ваква политичка состојба во Република Македонија започнатиот политички дијалог е вистински чекор кон решение, со сите други последователни чекори кои следат од институционални решенија и од аспект на одговорност на сите носители на јавни функции или креатори на политиките во Република Македонија. Целта е, нагласи тој, да се стави јасно до знаење дека Република Македонија нема подобра опција од таа на ЕУ.
– Од исклучително значење во овој период е политичкиот дијалог да даде резултати што е можно побрзо и на тој начин да дадеме шанса Македонија да не ја испушти можноста за евроатлантска интеграција односно членство во ЕУ. Македонија се повеќе станува тема на состаноците на институциите на ЕУ и важно е да испрати вистински сигнали, а тоа е дека ние сме заинтересирани за членство во ЕУ, не само од формален, туку и од суштински аспект – изјави вицепремиерот Бесими.
Вицепремиерот Бесими го одбегна одговорот на новинарското прашањето дали ДУИ ќе остане во владината коалиција
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.