| четврток, 6 декември 2018 |

Дујшебаев ја продолжи верноста со Вардар до 2017 година

Десениот бек на РК Вардар и еден од најдобрите ракометари на светот Шпанецот Алекс Дујшебаев го продолжи договорот со Вардар на уште две години, односно до крајот на јуни 2017 година.
Тој останува во клубот од „Јане Сандански“ и целта на раководството на тимот е да го задржи костурот со кој ги направи најголемите успеси во Европа, пласман во четврт-финалето во Лигата на шампионите две години по ред, а желбата е играње и на завршниот турнир во Келн.

Дујшебаев оваа сезона се најде меѓу десетте најдобри стрелци во Лигата на шампионите со 73 постигнати гола, а е трет стрелец во тимот, зад Дибиров и зад Карачиќ.

– Вардар го задржува костурот на тимот и за следните сезони, а Алекс е дел од идните планови на клубот. Неговата младост, квалитет и прикажани игри беа причина да му понудиме нов договор, што на наше задоволство го прифати. Се надеваме дека и во иднина ќе биде еден од главните алки во екипата – изјави Давор Стојаноски, извршен директор на Вардар, за официјалниот веб-сајт на клубот.

Алекс Душебаев е избран во олстар-тимот на СЕХА-лигата оваа сезона, а неколкупати беше дел и од идеалниот состав на колото во Лигата на шампионите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top