Работнички и Тетекс ќе играат во финалето на националниот Куп на Македонија, утре на „Филип втори“ арената во ново меѓусебен меч за вредниот пехар. Во 2010 година Тетекс во контроверзно финале ги победи „романтичарите“ и го освои купот. Овојпат Работнички ја има улогата на бранител на пехарот и е фаворит.
„Ќе дадеме се од себе за да го повториме успехот од минатата година, кога славевме во Купот на Македонија. Тетекс е екипа што ја респектираме. Имаат искусни и квалитетни поединци во своите редови и сигурно ќе биде тежок ривал за нас во финалето“, истакна фудбалерот на Работнички Милан Илиевски.
Тетекс има неуспешна сезона зад себе и „текстилците“ испаднаа од Првата лига, па трофејот во купот би бил вистинска утеха.
„Задоволство е да се игра против Работнички, екипа што игра убав фудбал. За нас финалето ќе биде посебен натпревар. Ќе го дадеме максимумот во текот на целиот натпревар, со надеж дека ќе го освоиме пехарот“, изјави голманот на Тетекс, Васе Манчевски, кој е вистински мајстор за пенали. И таа варијанта е во игра, ако мечот заврши без победник. Финалето се игра од 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.