Во вторник, на првата полуфинална вечер од годинашната јубилејна, 60. „Евровизија“, Даниел Кајмакоски првпат ќе ја претставува Македонија. Евровизиската еуфорија, која некако е вообичаена за овој период, годинава не се чувствува. Колку поради сето тоа што се случува во моментов во нашата земја толку, веројатно, и поради тоа што веќе отрпнавме од „Евровизија“.
Но, Кајмакоски не е типичен претставник, не само затоа што ќе се пее во Виена, неговиот втор дом, туку и затоа што тој се откажа од парите за евровизиска промоција и реши место маички и постери со неговиот лик, да даде свој придонес во Клиниката за детски болести, за каде што, благодарение на него, е купен респиратор за бебиња.
Тоа не значи дека помина без каква било промоција во Европа, напротив, тој смета дека неговиот тим е подготвен и на сцената ќе се даде стопроцентно.
Како помина претставувањето на Македонија низ земјите? Можеби доби некој интересен коментар или понуда? Каде доби најдобра реакција од публиката?
Кајмакоски: Промотивната турнеја помина одлично. Двата најголеми настани се случија во Амстердам и во Москва. Во Москва целата организација беше неверојатна, особено пречекот од обожавателите. Останатите настани не беа вечерни концерти или пред публика, туку претежно беа гостувања во радиоемисии или во телевизиски емисии. На тие гостувања бевме одлично пречекани, новинарите веќе беа добро информирани за мене, за нашата промоција. Навистина, доколку имаше повеќе време, можевме да посетиме повеќе земји, тоа е навистина битен дел од промоцијата.
Виена е твојот втор дом, колку чувствуваш предност поради тоа?
Кајмакоски: Има предност бидејќи се чувствувам како дома и во салата „Стадхале“ сум одел на концерти, а сега јас сум на сцената. Олеснува тоа што и моите блиски се тука и можам да ја добијам и нивната поддршка.
Подготвен си? Кои се твоите очекувања или кој е резултатот што би те разочарал?
Кајмакоски: Се чувствувам самоуверено на сцена, особено затоа што имам одлична придружба со мене – момчињата од „Мерџ“ (или поранешна Блекстрит). Моето најголемо очекување е да се претставиме најдобро што можеме, да ја завршиме оваа евровизиска приказна и да знаеме дека сме вложиме 100 проценти во неа. Што и да се случи, да знаеме дека сме дале сѐ од себе.
Ќе настапуваш со искусна, но, пред сѐ, интересна екипа. Како од Мерџ гледаат на „Евровизија“? Сепак, барем на Балканот, околу овој фестивал сѐ уште се крева многу врева.
Kајмакоски: „Мерџ“, како и јас, првпат е на евровизиската сцена. Ова е ново искуство за нив, мислам првпат се на настан на кој има натпревар меѓу песни и изведувачи. Верувајте, тие чувствуваат поголема одговорност од мене да се претстават најдобро што можат бидејќи доаѓаат надвор од Европа, а се дел од нашата делегација. Целиот овој спој е неверојатен.
Ќе пееш во едно тешко време за Македонија, можеби и поради тоа не доби толкаво внимание колкаво што обично добива претставникот на Евровизија. Сепак, Македонија е со тебе. Сметаш ли дека сега товарот е потежок?
Kајмакоски: Истиот ден кога имавме настан со обожавателите, почнаа случувањата. Поради таа причина, одлучивме изминатите денови да не известуваме за подготовките или за пристигнувањето во Виена. Еуфоријата и возбудата ги нема во целиот тим бидејќи тука мора да бидеме насмеани и добри претставници, но, од друга страна, секој од нас проверува што се случува таму, се слуша со свои колеги и блиски. Во овој момент не е битно вниманието кон мене, битно е состојбата да биде подобра за сите.
Што е следно по „Евровизија“?
Kајмакоски: Следно е тоа што долго време го посакувам, тоа е мој личен проект. Тоа им го должам на сите што ме поддржуваат, но си го должам и на себе.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 141. број на неделникот „Република“, 15.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






