Поранешните ракометни репрезентативци Иван Марковски, Зоран Петковски, Данило Брествац, Ице Соколески и поранешниот селектор на националните тимови Левтер Бошковски со своите помошници го сочинуваат стручниот тим на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“. Кампот ќе се реализира во Охрид, од 22 до 28 јуни.
Тие се спој на младост и искуство, богата играчка и тренерска кариера во која работеле и работат во најдобрите македонски клубови и национални селекции.
– Мојот стручен кадар е гаранција за успешноста на проектот – ракометен камп. Како една од најважните алки во реализација на проектот – ракометен камп и фундаментален дел од едукацијата и надградбата на секој учесник на кампот е тренерскиот кадар кој во координација со мене треба да ја реализира програмата предвидена за овогодишниот камп. Размислувајќи околу изборот на моите соработници кои покрај врвни ракометни стручњаци, треба да бидат врвни педагози и личности на кои треба да ги довериме „нашите“ деца кои ќе учествуваат на кампот – вели капитенот Лазаров.
Ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“ е национален проект и токму затоа при изборот на стручниот кадар внимаваме да се опфатени школи од повеќе ракометни центри во Македонија.
Секој од нив заедно со своите помошници ќе биде одговрен за одредена група во која ќе партиципираат момчиња и девојки поделени според пол, возраст и ракометно знаење.
– Моето ракометно и животно искуство во комбинација со стручноста и искуството на мојот стручен тим се гаранција за успех. А нашиот успех ќе биде создавање и развивање на љубовта спрема ракометот и спортот воопшто, развивање и вреднување на фер-плејот како и социјализација на личноста и подредување на личните интереси во интересите на колективот – додава Лазаров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.