| четврток, 6 декември 2018 |

Дали духовите постојат само во нашите мисли?

casper21

Невролозите успеаја да направат духови во лабораторија и така да ги поттикнат волонтерите да почувствуваат неочекувано присуство во собата.

Овој експеримент уште еднаш покажа дека лесно е да се измами човечкиот ум. Невидливото морничаво присуство кое многумина во изминатите векови го истакнуваа дека го чувствуваат е само збир на помешани сигнали во нашиот мозок, велат научниците.

Тие тврдат дека она за кое луѓето веруваат дека се духови, всушност е само трик што го изведуваат нивните мозоци.

– Тоа потврдува дека причината лежи во променетата перцепција во мозокот, вели професорот Олаф Бланке од Федералното политехничко училиште во Лозана (ЕПФЛ) во Швајцарија.

На волонтерите кои учествувале во истражувањето очите им биле покриени со шамии, а потоа робот емитувал сензорски сигнали.

– Многу истражувања предвидуваат дека не можеме самите да се скокоткаме, бидејќи нашиот мозок точно ја предвидува нашата рака која го допира телото или еден нејзин дел или некоја друга положба. Меѓутоа, ако тоа не е целосно извесно или ако на можеме точно да предвидиме кога некој друг треба да не допре; во тие случаи на неизвесност, одговор на телото е чувство на скокотливост, вели Бланке кој го води истражувањето на Швајцарскиот федерален институт за технологија во Лозана.

Ова откритие може да го објасни искуството кое луѓето го имаат кога чувствуваат невидливо присуство, па дури и ангели чувари, демони или вештерки кои го следат нивното движење.

Луѓето во екстремни физички и емоционални состојби редовно пријавуваат такви појави, како планинарите, истражувачите или тие кои жалат за изгубените блиски роднини. Појавите исто така се поврзани со медицински проблеми кои влијаат на мозокот, вклучувајќи епилепсија, мигрена, шизофренија и рак.

Тимот на Бланке почнал со анализирање на мозоци на 12 пациенти со невролошки нарушувања кои навеле дека имаат такво чувство на друго тело, т.е. чувство на привид на духови. Магнетната резонанца открила аномалии во три мозочни региони кои се вклучени во свеста: за самиот себе, за движењето и за чувството на положбата во просторот. Овие мозочни региони заедно придонесуваат процесуирање на мултисензорни сигнали, важни за перцепцијата на сопственото тело.

Научниците потоа спровеле експеримент за да покренат слични невролошки сензации на здрави субјекти. Со шамија преку очите и слушалки на ушите, субјектите помрднувале рака поврзана за роботски уред. Зад нив, роботскиот уред ги репродуцирал нивните движења и ги допирал по грбот. Кога експериментот бил спроведен во реално време, мозокот на учесникот можел да се адаптира и да го препознае движењето како сопствено поради синхронизираните движења.

Меѓутоа, кога научниците уфрлувале привремено доцнење од само неколку милисекунди, нарушувањето на темпоралната и просторната перцепција индуцирало чувство дека се појавил дух.

– Направивме робот кој ни овозможува да ги извртиме овие сигнали, што ги прави тешки, речиси невозможни да ги предвиди здрав субјект. Еден од споредните ефекти на ова било дека, наместо да кажат дека чувствуваат како сами себе се допираат или дека се допираат со својот показалец; субјектите пријавувале дека имале чувство дека ги допира некој друг.

– Всушност, некои субјекти реагирале многу силно и рекле дека не се чувствуваат само дека некој друг ги допира, туку и дека некој друг исто така е присутен. Чувството било толку силно што некои од нив се одлучиле да го прекинат учеството во експериментот, вели Бланке.

Роботот создава дисконтинуитет меѓу движењата кои субјектот ги прави и чувствата кои ги очекува, мешајќи ги сензомоторните сигнали на поединецот така да неговиот мозок повеќе не препознава дека приливот на сигнали припаѓа на неговото тело. Бланке вели дека овој систем имитира чувства кои ги чувствуваат некои пациенти со ментално пореметување или здрави поединци во екстремни услови. Основната цел на истражувањето е подобро разбирање на некои симптоми на невролошки или психијатриски состојби, како шизофренија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top