| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ в понеделник ќе расправа за Македонија

совет

Советот за надворешни работи на ЕУ в понеделник ќе расправа за Македонија и ќе излезе со заедничка позиција во врска со случувањата во земјата и за мерките што треба да се преземат, најави шефот на бугарската дипломатија Даниел Митов.

– Европа дејствува заеднички. В понеделник на Советот за надворешни работи ќе дискутираме за темата Република Македонија и тамошните случувања, што треба да доведе до заедничка единствена позиција на сите министри за надворешни работи на земјите од ЕУ и за мерките што треба да ги преземеме – изјави Митов за Бугарската национална телевизија.

За коментарите во Софија околу безбедносната состојба во Македонија и најавите за испраќање дополнителни сили на границата, Митов рече дека во моментов нема повод за сериозна загриженост за сигурноста на Бугарија.

– Ги направивме сите анализи и подготвени сме за секакви варијанти. За нас на прво место е територијалната целовитост и етничкиот мир во Македонија. Во Македонија меѓуетнички тензии засега нема- истакна шефот на бугарската дипломатија.

Во меѓувреме, МНР на Бугарија им препорача на своите граѓани кои патуваат во Македонија да бидат внимателни и да избегнуваат места каде што има групни собирања, како и реоните во кои има засилено полициско присуство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top