| четврток, 6 декември 2018 |

Плодови за мезе и за исплатлив бизнис

Ф’стакот спаѓа во групата на јужни суптропски овошја, но како резултат на поголемата отпорност на мраз, може да се преобрази во топлољубиво долговечно континентално растение. Од Иран, Турција, Сирија и од некои земји од Медитеранот, каде што се одгледува на плантажи, ф’стакот е донесен во Европа. Покрај многубројните предности, ф’стакот (Pistacia Vera) ретко се сади во земјава иако е многу здрав и скап производ, кој може да биде одличен извор на заработка. Дека успева и на нашето тло докажуваат неколку експериментални овошки кои се развија и раѓаат веќе четириесет години во Македонија, издржувајќи на температура и од 26 степени под нулата. Како на овие простори, така и во светот, оваа овошка е дефицитарна и покрај тоа што е украс на градината и е значително поотпорна на суша од други култури

Плодовите се ситни, со бели тврди семки кои пукаат при созревање и го ослободуваат вкусното зелено јадро. Ф’стакот се вбројува во најскапите и најквалитетни коскести овошја. Сепак, малку плантажи во светот со лесен транспорт и висока цена го поттикнуваат садењето во Грција, Калифорнија, САД итн. Големата отпорност на суша овозможува да се одгледува во подрачја во кои просечното количество дожд во текот на годината изнесува дури 20-30 милиметри.

Веќе во првата година, главниот корен продира во тлото до еден и пол метар, а по повеќе години и до 25 метри. Инаку, добивањето садници од семето не е компликувано. Семињата од диви ф’стаци се сеат на постојано место и по година-две се калеми благородната сорта.

Ф’стакот е двополово растение, има и машки и женски единки. Се садат десет женски и едно машко. Некогаш растојанието меѓу редовите изнесувало 10-15 метри, додека денес тоа е шест метри на плантажите, а растојанието меѓу овошките во редот изнесува 2-3 метри. Во такви густи насади бербата може да изнесува и до шест тона по хектар, под услов редовно да се наводнува. Опрашувањето на ф’стакот е со ветер.

fstak-2

Како резултат на значителната отпорност на суша, успева на земјишта на кои не расте дури ни плевел, не бара заштита и наводнување, а го украсува просторот.

Листовите му се крупни, со темнозелена боја, а плодовите се групирани во гроздови. Тоа е единствено широколисно дрвенесто растение кое, благодарејќи на смолните канали, ослободува специфичен пријатен мирис. По само две-три години, ф’стаците ги даваат првите плодови, кои, и покрај сушата и неквалитетното земјиште, добро се развиени.

Постојат повеќе видови ф’стаци. Поценети се тие со крупни плодови и поголем процент на распукани лушпи. Во споредба со другите коскести овошја, содржат помалку масти (55-60 отсто), повеќе белковини (20-26 отсто) и имаат подобар аминокиселински состав.

Тврдењата на експертите се дека ф’стаци може да се одгледуваат во средниот и во јужниот дел на Македонија, во карпестите предели на кои не опстојува ни трева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top