| четврток, 6 декември 2018 |

Во Куманово е мирно

kumВо Куманово е мирно. Дел од улиците од ноќеска се блокирани за сообраќај и e забележливо зголемено полициско присуство во центарот на градот. Во овој дел од Куманово се лоцирани повеќе институции, државни и општински, кои функционираат непречено. Судот и Општината работат, а граѓаните нормално се движат.

Кумановскиот градоначаланик Зоран Дамјановски попладнево апелира МВР поскоро да излезе со официјални информации за да не се шират шпекулации и конструкции за зголеменото полициско присуство и блокираните улици во Куманово.
Дамјановски на прес-конференција информира дека по полноќ во градот се блокирани две улици поради што Општината постојано добива јавувања од граѓани со прашања што се случува. По контактите со МВР, градоначалникот добил информации дека станува збор за засилени мерки за безбедност, но детали не му биле соопштени.

– По завршување на дејствата од минатиот викенд немаше блокади, градот беше отворен, а сега имаме засилена безбедност. Го замолувам МВР што поскоро да излезе со информации за македонската и пред сè за кумановската јавност, да даде објаснување што се случува во градот – рече Дамјановски.

Портпаролот на МВР Иво Котевски претпладнето за МИА информира дека се преземаат мерки за безбедност во Куманово.

Минатиот викенд во кумановската населба „Тоде Мендол“ полицијата спроведе акција за разбивање терористичка група. Во 28 часовната акција беа ликвидирани 14 терористи, 30 беа приведени и за нив е одреден 30-дневен притвор и е почната истражна постапка. Во тек на акцијата загинаа 8 полицајци, а 37 беа повредени. Комисија составена од претставници на Владата и на Општина Куманово почна проценка на штетите на домовите на населението во „Тоде Мендол“ кое беше евакуирано во акцијата. Владата најави 100-процентно покривање на штетите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top