Викендов на просторот спроти „Паркот за миленици“ во Градскиот парк ќе се одржи „Скопскиот цветен фестивал 2015“.
Програмата на фестивалот двата дена е од 10 до 19 часот. Ќе почне в сабота со настапи на деца од градинки и основни училишта од Скопје, КУД „Орце Николов“, „Ритам плус“, „Ребис“ и „Прима данца“.
Како што информира Град Скопје, просторот на кој ќе се одржува фестивалот ќе биде поделен на три зони. Првата е наменета за креативни работилници, анимации, креации, иновации и идеи.
Вработени во ЈП „Паркови и зеленило“ ќе учествуваат на креативните работилници и на сите заинтересирани учесници ќе им пренесуваат искуства за правилно садење и одгледување цвеќиња. Учесниците во работилниците ќе можат да научат и како да изработат цветно оригами, венчиња за девојчиња, како да направат цветен аранжман…
Во втората зона – за промоција, познати цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување ќе изведуваат мини-градини. Своите вештини ќе ги покажуваат стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Георги Димитров“, Грин планет, Хортиексперт, Хорти дизајн, Маган мак, Евгени, Китка планет фарм, Гарден центар Рушити од Тетово, Биро проект, Гео Инг, Флораком, Сардонекс, Дамбо цвеќе и подароци, купи момент, Градина цвет од Струмица и СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица.
Во овој дел граѓаните ќе можат и да купат цвеќе по намалени цени и тоа: цветен расад за сезонски цвеќе (бегонија, петунија, импатија …) од 25 до 150 денари; саксиски култури од 90 денари; саксиско цвеќе од 150 денари; зачински билки од 25 денари; украсни треви од 50 до 60 денари; висечки саксии од 150 до 300 денари; како и промотивни цени на орхидеи од 550 денари.
Во третата зона – за забава и еко-пикник, граѓаните ќе имаат можност да погледнат цветни перформанси, да вежбаат аеробик, зумба со своите деца и да слушаат музика во прекрасниот цветен амбиент.
На фестивалот се промовира одгледувањето цвеќе во затворен и отворен простор, а граѓаните, особено најмладите, ќе имаат можност да се вклучат во креативните работилници, да ја покажат својата креативност и да научат корисни совети како да одгледуваат цвеќиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.