Во врска со новиот предлог на Европската комисија (ЕК), кој се однесува на актуелниот миграциски бран и кој содржи план за привремено распоредување на бегалците од трети земји во земјите на ЕУ, чешкиот претседател Милош Земан изјави дека на бегалците треба да им се помогне во нивните земји.
– Јас целосно се согласувам со имиграционата политика на нашата влада, која се базира на принципот на бегалците да им се помогне на нивната територија, а не да ги носат во една сосема поинаква културна средина. Без оглед на тоа дека меѓу нив може да се најдат џихадисти кои ќе го фрлат во воздух Прашкиот замок – рече Земан.
Земан истакна дека единствен исклучок направил во случај на украинскиот Чесите, за кои тој интервенирал и од кои дел веќе се примени во земјата, пренесе дописникот на МИА од Прага.
– Таму се работи за околу илјада луѓе кои се подготвени и способни да работат и кои не бараат социјални бенефиции. Мислам дека таквата миграција е корисна – вели тој.
Чешката влада претходно преку премиерот порача дека ги отфрла задолжителните квоти за прием на емигранти и сака да им помогне на бегалците врз основа на своја суверена одлука, а не со механизмите што се дефинирани од страна на Европската унија.
Премиерот Бохуслав Соботка изјави дека Чешка сака да помага врз доброволна основа и според своите капацитети. Овој став тој го изложи во Советот на Европа каде што рече дека сака да ги брани интересите на земјите и принципите на здравиот разум.
ЕК информираше дека до крајот на мај ќе достави предлог за справување со сегашниот бран емигранти и привремено пренасочување на бегалците во рамките на Европската унија.
До крајот на месецов извршно тело на ЕУ ќе предложи програма во чиишто рамки за две години во Унијата легално од трети земји ќе се населат 20.000 луѓе, кои имаат потреба од меѓународна заштита.
Чешка би требало да преземе околу 520 луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.