| четврток, 6 декември 2018 |

Рехабилитацијата на Дража Михајловиќ ги подели Србите

Денешната одлука на Вишиот суд во Белград за рехабилитација на водачот на српското четничко движење во текот на Втората светска војна, Дража Михајловиќ, предизвика спротивставени реакции во Србија, јави Танјуг.

Дел од српската политичка и оштествена јавност рехабилитацијата на Михајловиќ ја оцени како „исправка на историската неправда и потврдување на вистината“, а друг дел како „срамна одлука и прекројување на историјата“.

Лидерот на Српското движење за обнова (СПО) и поранешен шеф на српската дипломатија Вик Драшковиќ поздравувајќи ја ваквата одлука, изјави дека тоа не е само рехабилитација на „воениот командант на првото антинацистичко движење во Европа, туку и на неговите четници и на цела Србија“.

Според лидерот на Српската радикална партија (СРС) и осомничен воен злосторник Воислав Шешељ, одлуката за рехабилитација е одлука за српско помирување.

За разлика од нив, српскиот министер за надворешни работи и лидер на Социјалистачката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ оцени дека рехабилитацијата на Михајловиќ не придонесува ниту за српското помирување, ниту за потврдување на вистината.

Министерот за внатрешни работи на Србија и потпретседател на владејачката Српска напредна партија (СНС), Небојша Стефановиќ изјави дека тој лично како потомок на партизански борец, е незадоволен од одулката за рехабилитација на Михајловиќ, но нагласи дека не сака да се меша во судските одлуки.

Српскиот Сојуз на здруженијата на борците од народно ослободителната војна (СУБНОР) остро ја осуди одлуката на Судот, оценувајќи ја како „ставање сол на раните“, а Здружението на антифашистите оцени дека таа преставува „грубо искривување на вистината на 70-годишнината од победата над фашизмот“.

Во врска со рехабилитацијата на Михајловиќ уште пред објавувањето на одлуката на Судот се огласи и српскиот патријарх Иринеј, кој изјави дека би сакал епилогот на овој судски процес да придонесе за „помирување на српскиот народ“ и изрази надеж дека „Србите повеќе нема да се делат на партизани и четници“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top