| четврток, 6 декември 2018 |

ЕБОР: Македонија со најголем раст во регионот, фактор на ризик политичката криза

еБОР

Македонскта економија годинава според најновата прогноза на Европската банка за обнова и развој ќе има раст од 3,5 отсто, а во следната 3,7 проценти. Оваа меѓународна финансиска институција предвидува најголем раст на македонската економија во регионот и за оваа и за наредната година.

– Во земјите од Западен Балкан, македонската економија продолжува да расте со најбрза стапка во регионот. Оваа година БДП се очекува да се зголеми за 3,5 проценти и дополнителни 3,7 проценти во 2016 година – наведува ЕБОР во извештајот за регионалните економски перспективи.

Според ЕБОР, ризиците од намален раст главно произлегуваат од внатрешните политички несогласувања.

ЕБОР предвидува растот на БДП во Албанија и Босна и Херцеговина годинава да изнесува 2,5 проценти, а следната три, во Косово 2,5 годинава и 3,5 отсто догодина, Србија 0,3 отсто годинава и 1,8 отсто следната година. Проекцијата за Бугарија за растот на економијата за годинава е 1 отсто, а за следната 1,5 отсто, а за Грција 0, а следната 2 отсто.

Според извештајот на ЕБОР за регионалните економски перспективи објавен денеска, перспективите на економиите во Југоисточна Европа се подобруваат, како последица на монетарните олеснувања во еврозоната, послабото евро, пониските цени на стоките за широка потрошувачка и сѐ поголемата важност на националните политики,

По тешката 2014 година, извештајот прогнозира просечен раст раст во ЈИЕ од 2,3 проценти во 2015 година, а 2,8 проценти во 2016 година. Меѓутоа, високите износи на нефункционални заеми и несигурностите во однос на Грција, претставуваат значителен ризик за земјите во регионот.

Извештај на ЕБОР за регионалните економски перспективи предвидува општа стагнација во 2015 година, во сите 35 земји опфатени во извештајот и слаб пораст од само 1,4 проценти во 2016 година. Но, како што се наведува во извештајот, овие перспективи ги прикриваат големите регионални разлики.

– Ова е многу разнолика слика – вели вршителот на должноста главен економист на ЕБОР Ханс Петер Ланкес. Дефинитивно, според него, постои простор за оптимизам, особено во земјите кои се тесноповрзани со еврозоната. Но, рецесијата во Русија е причина за загриженост во многу други економии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top