| четврток, 6 декември 2018 |

Пет и пол години затвор за шверцер на емигранти

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција склучи спогодба за затворска казна, во траење од пет години и шест месеци, со лице обвинето за шверцување мигранти.

Како што информира Обвинителството, на 14 април годинава на автопатот Гевгелија – Скопје на крстосницата за Велес и Штип, обвинетиот – возач на камион е запрен од полицијата при што било откриено дека превезува 150 емигранти во две камионски прилколки.

Исплашените емигранти, како што се додава во соопштението, се разбегале по околните ниви, при што 15 емигранти од кои две малолетни лица и едно бебе биле фатени и префрлени во Прифатниот центар во Скопје.

При истрагата е утврдено дека за патот низ Република Македонија емигрантите плаќале 1.000 евра од лице, од кои, како награда за извршената услуга возачот требало да земе по 50 евра од превезено лице.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по прибирање и предочување на сите докази на осомничениот, склучи спогодба со едно лице обвинето за сторено кривично дело шверцување мигранти, при што е договорена затворска казна во траење од пет години и шест месеци.

Судијата од Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја прифати спогодбата и донесе пресуда со која на обвинетиот му е определена казна затвор во траење од пет години и шест месеци и му е одземен камионот со кој ги превезувал емигрантите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top