| четврток, 6 декември 2018 |

Осма македонска книжевна визита во Софија

Препознавајќи ја потребата од афирмација на македонската литература и култура во соседството и пошироко, од 14 до 16 мај годинава ќе се одржи „Осма македонска книжевна визита во Софија“, со учество на 10 македонски поети и писатели од сите генерации.

Организатор на настанот е Книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.

Еден од најдрагоцените придонеси на Македонската книжевна визита во Софија е откривањето, поттикнувањето и афирмацијата на нови преведувачи на македонската литература во Бугарија. Во таа смисла наградата „Македонски книжевен Дедал“ која „Макавеј“ ја доделува на секое издание од оваа манифестација придонесе да се оформи во изминатата деценија нова група квалитетни преведувачи (најчесто, истовремено и писатели) кои безрезервно ја согледаа новата голема модерна мисија на македонската литература.

Меѓу најголемите нејзини афирматори се угледните современи бугарски писатели: Петар Караангов, Николај Петев, Димитар Христов, Николај Шопов, Роман Кисјов, Здравка Итева, Тања Попова и др. Овие преведувачи, кои се и темелни автори на бугарската литература заедно преведоа околу 30 дела од македонски автори кои се објавија во копродукција со бугарски издавачи или само од бугарски издавачи.

Годинашни носители на наградата за творечки дигнитет и за придонес во афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за зближувањето на македонските и бугарските писатели се: бугарската поетеса Елка Њаголова и поетот и актуелен претседател на Сојузот на бугарските писатели – Бојан Ангелов.

Годинашната „Осма македонска книжевна визита“ ќе ја одбележи и 100-годишнината од раѓањето на еден од основоположниците на современата македонска литература Венко Марковски, а покрај другите содржини во рамките на манифестацијата ќе се одржи и Книжевен портрет на академикот Луан Старова, за чие творештво ќе говорат академикот Али Алиу и поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски.

Освен тоа, ќе се одржи и „Вечер на македонската поезија“ во која ќе учествуваат 10-тина македонски автори. Со оваа манифестација, издавачката куќа „Макавеј“ по осми пат придонесува во унапредувањето на врските меѓу македонската и бугарската литература, во обновувањето на плодната комуникација меѓу писателите и книжевните научници од двете земји, во афирмацијата на преводите на македонските дела во Бугарија и бугарските автори во Македонија и во поттикнувањето нови приврзаници и почитувачи на македонската литература.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top