На првата прес-конференција во Виена за „Евровизија“, македонскиот претставник Даниел Кајмакоски изјави дека му е чест што настапува на еден ваков музички фестивал, на кој речиси сите натпреварувачи се големи ѕвезди, а конкуренцијата е голема.
– Пресреќен сум што конечно пристигнав во Виена. Имам големи очекувања од овој настап. Моето име го добив по Даниел Поповиќ. Мајка ми е голем фан на неговата песна „Џули“ и веднаш штом ме родила, ме зела во раце и кажала дека ќе се викам Даниел, по него. Како да претчувствувала дека еден ден и јас ќе запеам на „Евровизија“, исто како и нејзиниот идол – изјавил Кајмакоски.
Неодамна, како изненадување, Кајмакоски сними и преработка на песната „Џули“ во посвета на неговата мајка.
– Мајка ми е моја најголема поддршка. Кога сакав да се откажам од музиката, таа не ми дозволи – додал пејачот.
Во виенската арена „Статхал” завчера беше одржана и првата проба, на која покрај нашиот претставник настапија и кандидатите од останатите земји од регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




