| четврток, 6 декември 2018 |

Парите за евровизиска промоција, Кајмакоски ги донираше во Детска клиника

Daniel Kajmakovski (5) (Custom)

Наместо цедиња, маички и постери со неговиот лик за себепромоција, Даниел на „Евровизија“ во Виена, Австрија, ќе им подели на медиумите и на фановите само УСБ-картичка. Парите за евровизискиот промотивен материјал ги донира на Детската клиника во Скопје за апарат–респиратор за бебиња. Без голема претстава и камери, скромно и ненаметливо. Се решил на тој потег бидејќи искуството го научило дека е поважна детската насмевка од парче хартија со неговиот лик, пишува „Дневник“.

– Секојдневно добивам пораки на мојата официјална фан-страница, на е-пошта, со апел за помош и молба да се сподели линк или вест. Тоа те тера да се прашаш што е приоритетно во животот и како можеш да ја искористиш твојата положба – открива пејачот.

Практиката покажува дека секоја година учесниците на Евровизија многу вложуваат во маркетинг користејќи скап промотивен материјал, кој го делат во прес-центарот и во фан-клубовите. Силата за успех на евровизиската сцена Даниел ќе ја црпи од своите најмали фанови – болните деца од клиниката.

– На почетокот разгледувавме повеќе опции за донирање. Дали на некое детенце на кое му е потребна операција или на семејство. Се решивме за донирање апарат што ќе им помогне на многу дечиња. Секоја помош на Детската клиника е добредојдена – посочува Kајмаковски.

Од клиниката известуваат дека оваа донација е од големо значење. Станува збор за апарат респиратор за бебиња. На одделот престојуваат по 16 деца. Од нив 9 просечно имаат потреба за механичка вентилација секојдневно, а уште еден помал дел има потреба од некој друг вид респираторна поддршка.

– Kога пред неколку недели првпат дојде на одделот, со себе донесе енергија и ентузијазам какви што немавме почувствувано одамна. Нè освои со своите ведрина и искреност. Ги виде сите деца што беа во инкубатори. Има моменти кога чувствувате дека некој нешто дава од срце, а не заради себепромоција. Знаете дека тоа што го видел тука го допрело длабоко во срцето – велат за „Дневник“ од интензивната нега на Kлиниката за детски болести.

Тие нагласуваат дека Даниел при посетата не сакал да има камери и новинари, затоа нема ниту фотографија со бебињата.

– Сакаше само да го донесе апаратот и да ја подигне свеста кај луѓето за хуманоста. Да им објасни што се случува на одделот на кој за живот се борат 16 мали души. Да знаат дека бебињата понекогаш се раѓаат со тежина од 600 грама. Ако им се даде шанса, тие еден ден ќе имаат нормално детство како и своите врсници. Овој апарат е за нив – дополнуваат од Kлиниката.

Запеа на роденденска прослава во болничка соба

Идејата за соработка меѓу Даниел и Детската клиника се родила пред неколку месеци. Пејачот имал желба да им помогне на болните деца.

– Пред еден и пол месец ни помогна да организираме роденден за девојче што се лекува на одделот онкологија и кое беше негов голем обожавател. Даниел дојде на нејзиниот роденден и запеа. Никој не остана рамнодушен во тој миг – откриваат од Kлиниката за интензивна нега. Прашуваше што ни треба и како може најдобро да ни помогне.

Помош за 400 пациенти годишно

Донираниот апарат чини речиси 18.000 евра и е наменет за одржување бебиња кои не можат да дишат сами.

– Апаратот – респиратор е модел BABYLOG 8000 PLUS, комплет со сите додатоци спремен за употреба, за механичка вентилација, со кој се одржуваат во живот бебињата што не можат да дишат сами. Апаратот се користи на одделот за интензивна нега и терапија каде што годишно се хоспитализираат 350-400 пациенти, од кои 85 отсто се новородени. Тука спаѓаат прематуните бебиња родени од 26. гестациска недела со родилна тежина од 600 грама, па нагоре, како и со други заболувања – објаснуваат од Детската клиника.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top