| четврток, 6 декември 2018 |

Мими Ѓоргоска-Илиевска со трет мандат како член на Извршниот одбор на ФИАФ

Директорката на Кинотека на Македонија, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска доби трет мандат за член на Извршниот одбор (Борд на директори) на ФИАФ.

Кон крајот на април во Сиднеј и во Канбера, Австралија, се одржа 71. Конгрес на Меѓународната (Светската) федерација на филмски архиви, ФИАФ (Fédération Internationale des Archives du Film) која обединува 157 филмски архиви и кинотеки во светот.

Оваа „група на последните воини за заштитата на аудиовизуелното наследство“ се среќава еднаш годишно, при што се организираат специјализирани симпозиуми и работилници, и се разгледуваат тековните актвиности на Федерацијата и нејзините проекти, како што се: меѓународниот индекс на периодичните публикации на членките на ФИАФ, оралната историја, ФИАФ базите на документи на интернет, публикациите на ФИАФ, како и активностите на специјализираните комисии за каталогизирање, за филмска програма и пристап до колекциите и на техничката комисија.

Темата на годинашниот традиционален симпозиум во рамките на Конгресот, беше „Oдвај легално – интелектуална сопственост, регулација на содржината и архивирање на филмови: кон што целиме“ (Fairly Legal – Intellectual property, content regulation and film archiving: where are we heading) на кои беа поставени суштинските прашања за правните рамки на работата на архивите и нивните колекции на филмови од аспект на регулирање на авторските права.

Една од позначајните теми на симпозиумот беше стручната анализа на очекувањата на публиката за што послободен, полесен и побрз дигитален пристап до архивите и колекциите, како резултат на забрзаниот развој на технологијата, интеренетот, социјалните медиуми кои овој век го одбележуваат како век на глобализација и дигитализацијата.

Како учесници на симпозиумот со свои излагања и истражувања настапија повеќе значајни личности од областа на заштитата на аудиовизуелното наследство, а предавањата беа поделени според темите, „Аудио/Видео колекции во дигиталната средина“, „Политикa и етикa“, „Авторски права и компетитивната средина , прв дел – Закон за задолжителен примерок“. На крај, но не и најмалку важно, во рамките на конгресот беше одржано и Генералното собрание на ФИАФ (Светската федерација на филмски архиви).

Собранието оваа година беше изборно, а директорката на Кинотека на Македонија, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска на тајно гласањње доби трет мандат за член на Извршниот одбор (Борд на директори) на ФИАФ, со што покрај нејзиното членство со трет мандат во Извршниот одбор на Европската асоцијација на кинотеки (АЦЕ), доби уште една можност за да влијае во креирањето на меѓународните стандарди, препораки, конвенции и постулати за заштита на аудиовизуелното наследство во ФИАФ (Светската федерација на филмски архиви).

Фактот што Кинотеката на Македонија е еден од ретките филмски архиви има свој претставник во бордовите на ФИАФ (Меѓународната федерација на филмски архиви) и АЦЕ (Европската асоцијација на кинотеки) доволно говори за реномето и респектираното членство на Кинотеката на Македонија во меѓународните семејства на Кинотеки и филмски архиви, ФИАФ и АЦЕ.

– Третиот мандат на Ѓоргоска – Илиевска претставува потврда за нашата професионалност и посветеност, што беше докажана и со одличната организација на минатогодишното издание на 70. Конгрес на ФИАФ, кога од 4 до 10 мај Кинотеката беше домаќин на 70. Конгрес на ФИАФ. На овој значаен собир, во Скопје присуствуваа 200 претставници од кинотеките од целиот свет. За значењето на присуството на наш член во Извршниот одбор на ФИАФ доволно говори податокот дека тој е составен од 13 членови (од 157 архиви и кинотеки) и во него се директорите или претставниците на филмските архиви од Париз, Камбера, Цирих, Болоња, Санто Доминго, Мексико, Барцелона, Стокхолм, Блумингтон, Лос Анџелес, Банкок, се вели во соопштението од Кинотека на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top