| четврток, 6 декември 2018 |

Шчербак: Почит за загинатите полицајци во Куманово

osumtemina zaginati vo Kumanovo
Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, вечерва во Скопје, со едноминутно молчење за жртвите во борбата против фашизмот, но и за загинатите припадници на македонската полиција во акцијата во Куманово ја одбележа 70-годишнината од победата во големата татковинска војна.

Во присуство на претставници на Владата, граѓанското општество, истакнати личности од јавниот живот, на дипломатскиот кор, воените аташеа, претставници на верските заедници, како и членови на руската заедница во земјата, на свечениот прием се обрати амбасадорот на Руската Федерација, Олег Николаевич Шчербак. Тој потсети дека за победата во досега, како што вели, најстрашната војна, животот го положија над 60 милиони луѓе, од нив повеќе од 27 милиони советски граѓани, но и 33.000 ќерки и синови на Македонија.

Со огромни жртви и страдања фашизмот беше соборен, но денес, вели, тој се обидува пак да се обнови, меѓу другото и во формата на хероизација на нацистички злосторници, тероризмот и националистичкиот есктремизам.

– Тоа го потврдуваат и настаните во Украина, во прибалтичките држави и неодамнешната трагедија во Куманово во која беа одзедени животи на полицајци, кои исто како и нивните дедовци и татковци, се бореле со добро вооружени и жестоки бандити и варвари. Со едноминутно молчење да им одадеме почит на сите што за време на Втората светска војна се бореле и ја победиле кафената чума, на сите кои и денес не плашејќи се од опасноста го бранат мирот и безбедноста на луѓето. Токму благодарение на нивниот подвиг денес ние живееме, зборуваме на својот јазик и можеме да бидеме слободни луѓе – рече амбасадорот Шчербак.

Присутните можеа да проследат и изложба на воени фотографии од советската армија од 1945 година на кои се прикажани градови во повеќе европски земји ослободени од советските војници, како и снимката од Големата воена парада што на 9 мај се одржа во Москва. На оваа парада, според руското Министерство за одбрана, учествуваа повеќе од 16.000 војници, над 200 единици воена техника и над 140 авиони и хеликоптери, како и 10 парадни групи од вооружените сили на земјите од Заедницата на независни држави и пријателски земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top