Амбасадорите на САД, Франција, Италија Обединетото кралство, Германија и ЕУ на денешната средба со премиерот Никола Греувски изразија сочуство за трагичната смрт на припадниците на полицијата кои загинаа во настаните во Куманово и се придружија на политичките лидери и на граѓаните во осудата на насилството.
Американскиот амбасадор Џес Бејли, во изјавата дадена од името на сите амбасадори, рече дека тие ја поздравуваат иницијативата на претседателот на државата да се сретне со лидерите на сите политички партии и повикаа на воздржаност во врска со трагедијата изминатиов викенд, како и да се покаже смиреност во какво било групно собирање во следниве недели.
– Ние продолжуваме со целосна поддршка за фундаменталните демократски права на граѓаните на собирање и мирен протест и го повторуваме нашиот апел до сите страни да се воздржат од насилство. Нивното остварување на демократското право и отфрлањето на агресивните акти без разлика кон припадници на полицијата или демонстрантите, е соодветно оддавање почит на храброста и жртвата на оние кои ги дадоа животите во служба на народот на Македонија, рече Бејли.
Тој информира дека средбата со премиерот била договорена минатата недела пред да се случат настаните во Куманово. Најави и дека групата амбасадори ќе се сретнат овие денови и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети на кои, како што вели, ќе им пренесат слични пораки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


