Само три лица од населбата „Тоде Мендол“ вчера побарале помош во прифатниот центар во училиштето „Кристијан Карпош“, а во „11 Октомври“ каде што, пак, е лоциран кол-центарот досега не се јавил ниту еден сограѓанин од оваа населба на кој му било потребно сместување и помош.
Во три кумановски училишта воведени се 24-часовни дежурства од четири тимови на секои шест часа.
Помошник-директорот во ОУ „11 Октомври“ Оливера Стојановска изјави дека кај нив вчера во 10 часот помош побарале повозрасен брачен пар Македонци и една возрасна Албанка кои веднаш се сместени во спортската сала во тоа училиште и им биле обезбедени храна и сместување.
– На нивно барање денеска со екипи на Црвен Крст – Куманово овие три лица се префрлени кај нивните блиски семејства во градот, изјави Стојановска.
Директорката на основното училиште „11 Октомври“ каде што е лоциран Кол-центарот Мерилин Стојческа информираше дека во кол-центарот постојано дежураат екипите од училиштето, но кај нив не се јавил ниту еден граѓанин да побара помош.
– Имаме обезбедено автомобили и веднаш би ги сместиле лицата кои евентуално би побарале помош во прифатниот центар „Кристијан Карпош“, рече Стојчевска.
Откако настана ситуацијата во Куманово, со одлука на Советот на Општина Куманово на седница беше усвоена одлука за формирање прифатни центри во три кумановски училишта и отворени се телефонските линии на кои граѓаните може да се јават и да побараат помош: 031 475 800 и 031 475 830.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.