Врвни писатели од Балканот и издавачи, литературни агенти и директор на фестивал оваа година ќе бидат гости на фестивалот „Про-за Балкан“, а наградата „Прозарт“ за 2015 година ја доби Вида Огњеновиќ, една од најголемите српски писателки, добитничка на речиси сите поважни награди во Србија, поранешен дипломат, претседателка на Српскиот ПЕН-центар, потпретседателка на меѓународниот ПЕН…
-Меѓу гостите автори во Скопје ќе дојде и Ахмет Умит, еден од најпознатите турски современи писатели, особено познат по своето мајсторство во мистеријата, како што може да се забележи од големиот број продадени романи и томови со раскази. Од Албанија го имаме најактуелниот писател во моментот Бен Блуши, добитник на Наградата за литература на Европската унија во 2014 година. Од Хрватска доаѓа Алида Бремер, која со својот роман „Градината на Олива“ предизвика голем интерес, а активна е на повеќе полиња од областа на културата. Полона Главан е гостинката од Словенија, писателка и преведувачка, која има освоено голем број награди за нејзините дела, а преведува и современа американска, англиска и ирска литература. Од Македонија, селекторот Венко Андоновски оваа година го одбра писателот Димитар Башевски, добитник на најважните македонски книжевни награди – информираат организаторите.
Во рамките на Про-за Балкан, ќе се случи и програмата „Скопје фелоушип“, на која гости ќе се издавачи, литературни агенти и скаути и директори и програмски менаџери на фестивали.
Со нескриено задоволство ве известуваме дека во Скопје ќе дојде главниот и одговорен уредник од најголемата издавачка куќа на светот, „Рандом хаус“. Заинтересираните издавачи од Македонија ќе и ги претстават нашите писатели на д-р Урсула Бергентал, главниот и одговорен уредник во „бтб“ (btb), дел од „Рандом хаус“, со седиште во Германија (http://www.randomhouse.de/btb/). „Бтб“ во Германија ги издава некои од најголемите имиња како Харуки Мураками, Салман Ружди, Карл Ове Кнаусгард. Сметаме дека посетата на д-р Бергентал за Македонија е посебно важна бидејќи покрај овие писатели, е фокусирана и на автори од регионот, како Хакан Ѓундај, Саша Станишиќ, Едо Поповиќ, Наташа Драгниќ итн. „Рандом хаус“ во 2013 година се спои со издавачката куќа „Пингвин“, така што во светот важат за издавач без конкуренција, велат оттаму.
Издавачите од Скопје ќе имаат можност да ги претстават писателите од Македонија на еден од најпознатите литературни агенти од Европа, Силвија Брунели, сопственик на италијанската агенција „Набу“. Брунели е литературен агент на тројца нобеловци, меѓу кои Дарио Фо, а застапувала и застапува автори од рангот на Леонард Коен и Ноам Чомски. Низ годините агенцијата „Набу“ преговарала за правата и заклучила договори со тројца лауреати на Нобеловата награда за литература. Таа е литературен агент на Дарио Фо кого го застапувала уште пред да стане нобеловец, а ги застапувала Нагиб Махфуз и Ригоберта Менчу, добитници на Нобеловата награда за литература во 1988 и 1992 година. Нејзината агенција застапувала и интернационално промовирала големи автори како Леонард Коен, Ноам Чомски, Вандана Шива, ВГ Себалт…
Не помалку важни се и гостите од Турција. Во Скопје доаѓа Нермин Молаоглу, сопственик на една од најголемите литературни агенции во Турција, и една од најпознатите и влијателни дами во светот на издаваштвото во Европа и пошироко. Исто така, гостин од Турција е и Мехмет Дермиташ директор на влијателниот литературен фестивал „Танпинар“ во Истанбул.
Се надеваме дека и со ова гостување, програмата „Скопје фелоушип“ ја докажува својата оправданост и дека и во иднина ќе расте како платформа за презентација и афирмација на македонската книжевност.
– Програмата „Скопје фелоушип“ е востановена во 2014 година, а целта е важните имиња од познатите фестивали и од светот на издаваштвото да ги запознаеме со македонската книжевна сцена, од што, се надеваме, ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, но и од Балканот, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и светот, зголемување на видливоста на литературата од Македонија во странство – велат организаторите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст