| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов ќе се сретне со амбасадорите Бејли, Орав и Брет

BELGIUM-EU-FUELE-IVANOV

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ќе ги прими амбасадорот на Соединетите Американски Држави Џес Бејли, шефот на Делегацијата на Европската унија Аиво Орав и шефот на Мисијата на ОБСЕ Ралф Брет.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, ќе присуствуваат и капетанот Румен Радев, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО и амбасадорот на Република Турција, Омур Шолендил, како контакт-амбасадор на НАТО .

Претседателот Иванов по синоќешната седница на Советот за безбедност најостро го осуди терористичкиот напад во Куманово од страна на групи, чијашто цел, како што рече, беше дестабилизација на Македонија. Тој истакна дека на седницата на Советот за безбедност е изразена подготвеност да не се дозволи ескалација на тензиите.

Тој изрази жалење за загубените животи на припадниците на МВР и побара мудрост од граѓаните, поддршка од лидерите на политичките партии да се однесуваат одговорно, како и од медиумите.

На седницата на Советот за безбедност, во проширен состав, присуствуваа претседателот на републичкото Собрание Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, како и членовите на СБ Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини, како и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Талат Џафери од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

Во операцијата за разбивање на терористичката група во кумановското Диво насеље загинаа осуммина полицајци, а 37 се повредени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top