Албанската влада го осудува секој акт на насилство сметајќи го како неприфатлив за секое демократско општество и оценува дека секое натамошно влошување на состојбата не е во прилог на демократската стабилност и просперитет на Македонија.
Во реакцијата од Владата, која доцна вечерва ја пренесе шефот на дипломатијата Дитмир Бушати, се наведува дека јазикот на омразата и екстремните дејствија треба да му отстапат место на ангажирањето за основните права, демократијата и правната држава со евроатланска перспектива.
– Уште од првите утрински часови преку амбасадата во Скопје сме во тек со широката акција на безбедносните сили во Куманово, во која има повредени и загинати. Искажуваме жалење за изгубените човечки животи и во тој контекст ги поттикнуваме македонските авторитети за транспарентност, соработка и целосна истрага во утврдување на фактите, стои во реакцијата на Владата на премиерот Еди Рама.
Исто така се наведува дека Владата во Тирана е целосно заинтересирана и е во постојан контакт со властите и политичките актери во Македонија, како и со меѓународните партнери и упатува апел за смиреност и воздржаност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.