Министерството за внатрешни работи утринава отпочна акција за откривање и разбивање на поголема вооружена терористичка група, која според оперативните сознанија со кои што располагавме имала за цел да организира напади врз државни институции.
– Информациите до кои дојдовме деновиве укажуваа на тоа дека групата влегла илегално во Република Македонија од една соседна држава и преку свои поддржувачи се засолнила и утврдила, подготвувајќи се за идните терористички напади. Надлежните служби при Министерството успеаја да ја лоцираат во кумановската „Дива населба“, односно во неколку куќи во населбата. Сознанијата говореа дека станува збор за група која е добро вооружена и обучена за борба во вакви услови – изјави помошникот на министерот за односи со јавност Иво Котевски на првата официјална прес-конференција за денешните немири во Куманово.
Врз основа на претходните информации беше изготвен план за постапување и беше формиран штаб кој ги координира активностите.
– Околу 5 часот денеска, специјалните единици отпочнаа со реализација на планот. Истите наидоа на жесток отпор од терористите кои ги нападнаа со автоматско оружје, бомби и снајперски оган. На нападот е одговорено исклучително внимателно и соодветно на ситуацијата – изјави Котевски.
Во моментов сѐ уште се во тек активностите на теренот.
– Станува збор за специфично подрачје со тесни улички и голем број куќи кои се збиени што преставува дополнителен ризик за полициските единици кои дејствуваат на терен. Полицијата, заради спецификите на теренот напредува тактички и мора да врши претреси во сите околни куќи заради безбедносни причини – изјави Котевски.
Заради чувствителноста на ситуацијата, МВР во овој момент не соопшти повеќе детали, но најавија целосни информации за преземените мерки за подоцна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


