| четврток, 6 декември 2018 |

Тајфата: Да живееш за музиката, тоа е рокенрол

Членовите на „Тајфата“ велат дека пораснале со македонска музика и од таа љубов ги создале овие песни. Велат нивната музика не може да се класификува во еден жанр, туку создале нов музички правец – македонски новоградски рокенрол, кој публиката одлично го прифаќа

Синтеза на две музики, две групи и на тројца музички мајстори. Групата „Тајфата“, спој на Никола Јанков , најпознат како Коки од дуото „Дуле и Коки“, и Александар Тренчевски и Владимир Богески од групата „Амајлија“, по само една година постоење го издаде својот прв албум.

До овој спој дошло случајно, кога и двете групи настапувале заедно и сфатиле дека одлично се вклопуваат. Како другари уште од училишните клупи, Аце и Влатче заедно свират повеќе од една деценија. Кога на нивната тајфа се приклучи Коки, се создаде „Тајфата“ и првенчето „Еден пат за еден живот“.

– Животот е таков, сакаш не сакаш мора да се снаоѓаш на различни начини. Човек кога има некоја заднина од типот – да треба искрено да постапува, искрено да ги гледа работите, да биде добар, да посветува внимание, да дава љубов, некако работите доаѓаат сами по себе и некако се снаоѓаме во целата ситуација, во конкретниов случај на музички план со „Тајфата“. Мислам дека е на крајно завидно сето ова што е направено од срце и од љубов – ja почнува приказната Јанков.

Според него, така било пишано, токму во овој момент идеите што ги носел како помлад човек и тоа по што мечтаел, да излезат преку овој албум.

– Јас сум човек што уште од мали нозе ја слушал музиката што се пуштала дома, која, сигурно, не била од Роби Вилијамс. Сите сме израснале со нашата македонска, прво народна, па потоа се прфрлуваме и на забавната музика. Тоа е нешто што јас го носам во генот од дедо ми, од татко ми и беше неминовно тоа еден ден да излезе од мене – смета Јанков.

 

tajfata-2

Албумот „Еден пат за еден живот“ се состои од девет композиции, дело на:

Дејан Георѓиевски-Ѕене
(музика, текст и аранжман),
Венко Серафимовски
(музика и текст),
Весна Малинова (текст),
Љупчо Трајковски-Фис (текст) и
Огнен Неделковски (текст).

По повод првиот албум на „Тајфата“, снимен е и документарен филм, кој го изработи „Томато продукција“, посветен на луѓето што во континуитет се дел од приказната наречена „Тајфата“. Филмот ги прикажува видувањата на луѓето вклучени во подготовката на албумот, размислувањата на самите членови на „Тајфата“, композиторите, текстописците, рецензентите.

 

Творењето и дружбата им се како и на секоја тајфа, со многу музика.

– Самиот збор тајфа значи собир на музички мајстори, ние така си ја дефинираме. Твориме најчесто по пат. Бидејќи сите сме од различни градови, патуваме нонстоп, многу малку ни останува време и го користиме секој миг за творење и за создавање музика – вели Богески.

Велат, создадовме нов музички правец и песни во кои многумина ќе се пронајдат.

– Спојување нешто архаично, старо и нешто ново. Мотиви од нашите корени, изворното, староградската музика. Сите познати музичари во историјата користеле нешто исконско, нешто од корените, народната музика, ние во себе го носиме тоа, колку и да сакаме или не сакаме, со тоа сме растени, ова е нашата најубава земја што си ја сакаме и се обидовме на еден специфичен начин да го создадеме ова, а според реакциите на публиката, ние сме на вистинскиот пат – вели Тренчевски.

tajfata-3

Новоградски рокенрол, како што го нарекуваат, велат значи некоја нова музика, нов правец, кој на некој начин тие го наметнале и што не може да се одреди како народна или како забавна музика.

– Многу е интересен ритамот, хармонијата, мелодијата, сите тие примеси, елементи од основата на музиката. Сето тоа споено, грифовите на гитарата, хармониката, кларинетот, Влатко со клавирот, еден интересен спој, кој и ние кога слушнавме како звучи, бевме фацинирани – дополнува тој.

– Самата екипа што работи со „Тајфата“, да го земеме Венко Серафимов, човекот што го живее рокенролот, Ивица Јорданов, Дејан Георгиевски – Цене, сите ние, овој начин на живот што го живееме го викаме рокенрол, односно луѓето што даваат сѐ од себе за музиката, живеат за неа, без разлика кој стил музика е тоа, јас тоа го гледам како еден рокенрол. Ние сме малку специфични луѓе, музичарите, некои работи знаеме да ги кажеме многу добро, некои работи оставаме да ги кажеме преку музиката. Порано се викаше модерна чалгија, но бидејќи ова не е староградска музика, туку новоградска, јас го нареков новоградски рокен­рол – вели Јанков.


Разговараше: Марина Костовска | Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 139. број на неделникот „Република“, 1.05.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top