Преку проектот „Македонија вработува“, кој почна со релизација минатата недела, заклучно со вчера се вработени 135 лица. Досега интерес покажаа над 160 приватни компании кои веќе поднесоа барање за вработување на над 200 невработени лица.
Ова денеска го истакна министерот за труди социјална политика Диме Спасов, кој рече дека по нешто повеќе од една недела им помогнале на над 135 семејства или пак 135 лица, кои преку проектот побрзо дојдоа до работа. Тој изрази задоволство од реализацијата на проектот и од интересот кој го имаат приватните компании за искористување на поволностите од мерките кои се опфатени во проектот.
– Со проектот „Македонија вработува“ ги опфативме и ранливите категории, односно како резултат на комуникацијата со здруженијата кои ги застапуваат интересите на лицата и на децата со пречки во развојот, дадовме поволност за вработување на родителите кои имаат деца со пречки во развојот со пет години ослободување од плаќање на социјални придонеси за приватните компании кои ќе ги вработат овие родители – нагласи Спасов, одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде дека значително се зголемува можноста за нивно вработување за полесно и побрзо да добијат работно место и со цел да се стекнат со редовното работно место и редовен извор на приходи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.