Додека светското внимание е насочено кон кинеските напади на морињата кои се источно од нејзините граници, кинеските лидери се насочуваат кон Запад. На крајот на март, кинеската Комисија за национален развој и реформи им се приклучи на кинеските министерства за надворешни работи и трговија во објавувањето на скиците за „Економски појас на патот на свилата“ и за „Поморски пат на свилата во 21 век“, познати под заедничкиот назив „Еден појас, еден пат“. Ако овој амбициозен проект успее, Кина ќе стане водечка економска и дипломатска сила во евроазиската интеграција.
За „Еден појас, еден пат“ да успее, се потребни поголема дипломатска координација, стандардизација и поврзување на трговските капацитети, слободни трговски зони и друга политика за олеснување на трговијата, финансиска интеграција која ќе го промовира кинескиот јуан, како и културно-образовни програми низ Азија, Европа, Средниот Исток и низ Африка.
Некои мислат дека овој проект е кинескиот Маршалов план, но кинеските лидери не прифаќаат таква споредба. Според нив, нивна цел е интеграција на Европа и на Азија, а не цртање граници; економски пораст, а не политичко влијание. Ама, токму тука лежи и опасноста: ако Кина не ги избалансира вешто инвестициите и дипломатијата во потрагата по политичко влијание, може да се заплетка во конфликти за кои не е подготвена.

По патот на свилата
Иако точните детали за „Еден појас, еден пат“ на разни мапи и предлози различно се прикажани, копнениот појас, генерално, ќе се состои од патишта, пруги, енергетски гасоводи и телекомуникациски врски, а ќе има цел да ги поврзе Кина, Централна Азија, Средниот Исток, Европа и Русија. Поморскиот пат, пак, ќе плови од бреговите на Кина преку Јужнокинеско Море, Индиски Океан, Црвено Море, Средоземно Море (преку Суецкиот Канал), со неколку попатни станици во Африка. „Еден појас, еден пат“, всушност, е марш на Кина кон Запад и одговор на американската стратегиска пенетрација во Азија, како и обид за обнова на историската улога на Кина во унапредувањето на трговијата меѓу Кина и Европа.
Кинескиот претседател, Си Џинпинг, официјално го најави „појасот“ во септември 2013 година, а „патот“ во октомври истата година. Финансиите за проектот ќе бидат од контроверзната Азиска банка за инфраструктурни инвестиции (50 милијарди долари), Фондот за нов пат на свилата (40 милијарди долари) и Нова банка за развој на БРИКС. Според кинеските власти, проектот ќе допре до 4,4 милијарди луѓе во повеќе од 65 земји, а според кинеските медиуми тоа е најзначајниот и најдалекосежен проект што земјата некогаш го предложила.
Стратегијата „Еден појас, еден пат“ е во полза на остварување на кинеските внатрешнодржавни цели, како зајакнување на кинеската економија, пренасочување на вработените во инфраструктурата кон меѓународната сцена, подобрување на условите во недоволно развиените југозападни делови на земјата. Надвор од границите на Кина, проектот ќе ѝ донесе придобивки од трговија и од валутни свопови, што би ја зајакнало меѓународната моќ на кинескиот јуан како светска трговска валута. Обезбедувањето енергетски договори, пак, ќе ѝ даде сигурност во снабдувањето со енергенти, а со копнената енергетска инфраструктура ќе се избегнат ризиците на поморскиот пренос на пратки.
„Еден појас, еден пат“ е корисен и за надворешната политика на Кина, како и за продлабочување на односите со нејзините соседи. Двојниот план, исто така, ќе ги унапреди и односите со големи земји во развој и ќе биде поддршка за реструктуираниот меѓународен систем кој ја става Кина во центарот на светската моќ. Подемот на Кина ѝ донесе и поголеми меѓународни обврски, а со трговската програма, конечно, ќе може да се стреми кон посакуваната визија за заеднички напредок на Азија во следните децении. Зајакнатите билатерални трговски односи се во прилог на кинеската амбиција за изградба на мрежа од незападни меѓународни организации во кои таа би ја играла главната, ако не и доминантна, улога.
Блокади на патот
„Еден појас, еден пат“ добива моментум од самото објавување, како и силна финансиска поддршка од моќни финансиски институции. Во обид да ја подобри азиската инфраструктура, Кина има многу ниски стандарди за зајмење (се очекува дека до 2020 година ќе даде осум трилиони долари), што може да го загрози нејзиниот напредок. Дополнително, проекти кои се проследени со неочекувани скандали поврзани со заштита на животната средина или со човековите права би можеле да ѝ ја нарушат репутацијата. Во поморскиот дел, Кина се труди да ја унапреди инфраструктурата на пристаништата и предложените слободни трговски зони, но не се знае како ќе се изведе сето тоа, а да не ја наруши работата на постојниот поморски сообраќај.
Натаму, иако кинескиот министер на надворешни работи, Ванг Ји, изјави дека „Еден појас, еден пат“ не е алатка во служба на геополитиката, Кина, најверојатно, ќе се обиде да ја претвори економската соработка во политичко влијание. Во тој процес, Пекинг ќе треба да надмине многу тешки пречки, најпрво во однос на натпреварот на моќ со Индија, Русија и со САД во Централна и Јужна Азија и во Средниот Исток. Руските напори за создавање евроазиска унија во која поранешните членки на Советскиот Сојуз би се поврзале преку економска соработка се директна конкуренција за интегративната стратегија на Кина, и покрај подобрувањето во нивните билатерални односи. И на Индија нема да ѝ биде многу мило да се справи со регионалните аспирации на Кина бидејќи политиката на Пекинг се коси со надворешната политика на Њу Делхи. Иако САД полека се повлекуваат од Авганистан и нивното влијание во Азија се намалува, овој проект ќе биде тест за Кина да покаже дали знае како да ги урамнотежи конкуренцијата и соработката – да соработува, а да не биде во конфликт со соседите и со светските велесили.
Успехот на проектот „Еден појас, еден пат“ ќе зависи и од соработката со каприциозните локални и регионални лидери. Многу од нив, посебно тие од Централна Азија и Средниот Исток, имаат вековна традиција во искористување на странските велесили за лични политички и финансиски цели. На кинеските лидери ќе им биде проблем да одржат рамнотежа во односите со Иран, Суните, Саудиска Арабија, Шри Ланка поради разни внатрешни конфликти. Потоа, има и недржавни играчи, како Талибанците во Авганистан, ИСИС во Ирак и во Сирија, Хутите во Јемен и слично, кои се опасност за остварување на кинеските инвестиции и за клучните транзитни точки низ предложениот пат.
Иако во водењето надворешна политика Кина се држи до реториката дека не треба да има губитници и дека одлуките треба да се донесуваат мирољубиво и со консензус, можно е овој проект да ја смести со парадоксална позиција: барајќи да пушти корени кон Запад, може да се рашири премногу несистематски и да се вовлече во конфликти и одговорности со кои не е подготвена да се справи.
За „Еден појас, еден пат“ да прерасне од картографска амбиција во историски потфат со успешна стратегија за економска дипломатија и, најверојатно, геополитичко влијание, Кина ќе мора да го положи тестот на способности во секој аспект на надворешна политика. А маршот кон Запад би можел да трае навистина долго…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


