Да беше Ранковце, штетата можеби и ќе се санираше. Струмица и така ја загубија на парламентарните избори, исто како и Куманово каде што имаат градоначалник благодарение на Албанците. Центар, сепак, е премногу важен и ова боли… Истата таа општина што беше на пиедесталот и од која „сѐ требаше да почне“ ја презеде улогата на деактиватор на лажната еуфорија предизвикана од „бомбашката“ серија. Која и да е од другите 79 општини немаше да удри толку болно и длабоко во социјалдемократската психа. За да биде бељата уште поголема, не се работеше за пораз – така ќе ламентираа за наместени резултати, притисоци, Пустец и што ли не. Вака, сѐ падна во вода. Референдумот громогласно одекна и ги покри „бомбите“. Прикаската за ГТЦ, која требаше да биде ветер во едра за нови победи, прерасна во пораз. Боли и затоа што е по нивни рецепт – по толку бојкотирања на Собрание, на избори и на изборни резултати, сега народот ги бојкотираше, ама на референдум. Истиот тој народ би рекол – „со свои камења по глава…“
Референдумска клетва од териториjалната поделба
Трета мајка, но и оваа далеку од првата и единствено успешна. Вака накусо може да се опише референдумската историја во Македонија. Првиот ни ја донесе независноста, вториот ни ја подели државата на национално-општинска база, а третиот треба да послужи за преиспитување во опозицијата. Сепак, преоптимистички е да се надеваме дека последната јавна и јасна шлаканица ќе резултира со овој логичен чин на размислување кај „државотворците“, кои сѐ почесто личат на државоуривачи. Генетската грешка кај нив автоматски и беспоговорно исклучува какво и да е размислување за сопствените грешки. Едноставно „некои прашања не заслужуваат одговор“, нели? Токму ова нивно мото, кое беше дел и од вториот референдум, го означи почетокот на крајот на нивното владеење до кое дојде само една и пол година по него. Клетвата од овој втор референдум, доделена од факторот наречен народ (кој на поранешна Бихаќка дел од челниците милуваат да го наречат стока) ги оддалечи од победа во следните 10 изборни циклуси, а референдумот во Центар го означи единаесеттиот. Факт е дека основната басна за Центар беше „овде почнува промената, од Центар!“ Поверојатно, тука почнува крајот на оваа непромислена и безобразна бомбашка прикаска на одметнатите политичари, и од Собранието и од правдата.
Библиското значење на броjот 11 – неред, хаос и пресуда!
Референдумот го означи 11. пораз по ред за СДСМ. Но кое е значењето на бројот 11? Според Библијата (светата книга, која новиот сампрогласен месија досега не ја споменува) оваа бројка симболизира неред, хаос и пресуда! Во Библијата, 11 се користи дваесет и четири пати (25 „бомби“ досега), а како 11. може да се најде 19 пати (следуваат ли уште толку „бомби“?). Според толкувачите на светата книга, доаѓајќи по 10 (бројка што претставува право и одговорност), бројката единаесет го претставува токму спротивното – неодговорност и кршење на законот, бројка што ги сублимира растројство и пресудата. Едноставно, премногу аналогии со македонската современа прикаска…
Станковски: Референдумот е барометар за опозициското фиjаско
Опозицијата не успеа да го злоупотреби народот во своите мрачни сценарија, вели уметникот Ацо Станковски. За него, постои силно единство во референдумот и во „бомбите“, дел од жестокиот суперагресивен и аморален опозициски потфат.
СТАНКОВСКИ: Целата оваа ситуација со „бомбите“ и ГТЦ, како вишна на шлагот, ја гледам во контекст на старата добра балканска мудрост: „Се тресеше гората, се роди глушец (зајак)“ затоа што припаѓаат на истата категорија глодари. Тука опозицијата сакаше да го искористи народот за своите мрачни егоистични цели подметнувајќи му кукавичко јајце, обидувајќи се балканскиот менталитет на оговарање да го претвори во објект на политичка критика. А подоцна да го провери сето тоа на референдум на ниво на општина Центар, каде што ја имаат и локалната власт. Но тоа не им успеа. Затоа што народот е доволно идеолошки освестен, затоа што народот не ги следи илузионистичките прикаски туку вистинските промени во општеството, на ниво на реалноста. Ова веќе не е идеолошки хипнотизиран народ, туку народ што сѐ повеќе и повеќе е општествено и политички мотивиран и освестен. Пропаста на референдумот е барометар и сумирање за политичката ситуација, при што аморалниот потфат на опозицијата доживеа фијаско.
Референдумот за ГТЦ се „влечеше“ на „бомбите“, кои како контраефект го пренасочија вниманието, но покажа ли и какво е расположението на народот кон опозициските петарди?
СТАНКОВСКИ: Всушност, бомбите и ГТЦ се во едно суптилно единство. Тука имаме едно лице и опачина, со една долготрајна и жестока пропаганда од опозицијата, која, за жал, продре на сите страни, па дури и во позициските медиуми, како еден вид сензибилизација и гласност. Но сето тоа го сфаќаме како професионален рефлекс затоа што ваков квантум на аморалност, кој опозицијата го практикува веќе со години, е толку агресивен, што дури и најтврдокорните позициски медиуми не можат да го игнорираат. Всушност, се работи за една мала група суперагресивни и умоболни луѓе од опозицијата, кои не можат да го прифатат животот ако не се на власт. Тоа се своевидни дегенерирани групации произлезени од мрачната транзиција, која беше оркестрирана токму од нив самите. Но како конструктивен граѓанин на оваа држава, импресиониран сум од свеста на народот, кој покажува сѐ поголем и поголем капацитет за расудување и за правилни политички одлуки, кои ги покажа и на овој пропаднат референдум.
Што понатаму со опозицијата, на која овој референдум требаше да ѝ даде ветер во едра, а се случи спротивното?
СТАНКОВСКИ: Понатаму, сите ние граѓани на РМ ќе имаме проблем со менаџирањето на една поголема група од околу 300 до 500 луѓе со длабоки ментални нарушувања, за кои не знаеме дали да ги жалиме или правно да ги санкционираме (затоа што нивниот делириум му прави голема штета на општеството). Значи , дали да ги засолниме во ментална институција или да ги изолираме од здравиот дел на општеството вдомувајќи ги по казнените институции во државата. Затоа што тие нема да престанат, таква е природата на нивната болест…
Лакмусовата хартиjа наjави промени во партиjата
Референдумот беше одлична лакмусова хартија за рејтингот на опозицијата и за ефектот на нивните „бомби“. Истиот тој лакмус покажа дека расположението на граѓаните не е на ниво на нивните очекувања, односно е многу, многу далеку од желбите. Челниците се свесни дека влогот е огромен, а нивната судбина е сѐ поизвесна. Прашање на време е, велат познавачите, кога поранешниот лидер ќе се врати на тронот во форма на спасител. Бадијала месијанството на чуварот на престолот – на земјата, барем во социјалдемократската бурлеска, владее папата. Аболицираниот бискуп, очигледно, ја одигра својата ролја или, како што велат на социјалните мрежи: „Референдум како бел чад за избор на старо-новиот папа. Време е за воскреснување на верско-световниот лидер на македонските социјалдемократи…“
Кошмарот стана jаве, а центар личеше на Пустец
Најголемото лажно алиби на опозицијата, со кое без проблем и пардон се демонизираше и жигоса цело едно македонско малцинство во соседна земја, стана реалност. Старите велат: „внимавај што ќе посакаш!“ Сега кошмарот се оствари. Општина Центар стана Пустец, но, за нивна жал, само во преносна смисла на значенскиот поим на општината во Албанија. На референдумот Центар опусте, барем на избирачките места и заличи на единствената македонска општина во Албанија, која и не може да се пофали со бројот на населението. Одѕивот од 40 проценти стави крај на опозициските фантазии. По речиси три месеци монтирање и „пукање“ на 25 „бомби“, контрадикторно измешани со толку многу „љубов“ и гушкања за ГТЦ, цели девет години од владеењето на актуелната власт, рејтингот на опозицијата „скокна“ (ако тоа, воопшто, и може да се нарече скокање) бедни 2,5 проценти. Немањето никаква кампања и уживањето во „бомбите“ не ги загрижи, ниту игнорирањето од властодршците, сѐ до шокот од резултатите. Во овој случај, добро би им дошле зборовите на Едмонд Темелко, кој прашан од „Република“ за катастрофалниот однос на македонската опозиција кон жителите на Пустец им ја даде препорака од дедо Петре, починат мудрец од тој крај, кој вака ги учел своите внуци: „Ако некогаш се најдете во тешко, а не знаете што да работите, тогаш ќе одите горе на врвот од ридот и ќе се испулите надолу, ако има луѓе што ораат, орајте и вие, а ако жнеат, жнејте и вие!“ Во овој случај би било – ако не знаете како се тера кампања…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 139. број на неделникот „Република“, 1.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.