Во ерата на интернет и достапноста на информации сѐ повеќе се подигнува свеста за болестите на тироидната жлезда. Во светот околу 300 милиони луѓе страдаат од вакво заболување, многумина не се свесни дека имаат проблеми со оваа жлезда и сѐ уште не им е поставена дијагноза. Почести се кај жените, се смета дека една од осум жени ќе развие тироидно заболување во тек на животот. Затоа во развиените земји се прави рутински скенирања на тироидната функција кај жени по 60-годишна возраст.
Нарушувањето на функцијата на тироидната (штитната) жлезда, според ендокринолозите спаѓа во најчестите заболувања на жлездите со внатрешно лачење. Зошто е важно нормално функционирање на тироидната жлезда?
ВРЧАКОВСКА: Заболувањата на тироидната жлезда се на второ место, по дијабетесот, од болестите на жлездите со внатрешно лачење. Во светот страдаат околу 300 милиони луѓе, многумина не се свесни дека страдаат од тироидно заболување и сè уште немаат дијагноза. Почести се кај жените, се смета дека една од осум жени ќе развие тироидно заболување во тек на животот. Затоа во развиените земји се прави рутински скенирања на тироидната функција кај жени по 60-годишна возраст.
Тироидната жлезда произведува и складира тироидни хормони, кои се неопходни за нормален метаболизам (брзината со која се искористуваат калориите за да продуцираат енергија), обезбедува нормален крвен притисок и функција на срцето, го регулира растот и развојот на скелетот и нервниот систем и има значајна улога во репродуктивната функција. Кога се лачи соодветна концентрација тироидни хормони машинеријата на метаболизмот во секоја клетка од нашето тело функционира беспрекорно, меѓупродукт на оваа машинерија е топлината. Една од главните функции на тироидната жлезда е да обезбеди постојана и соодветна телесна температура за обезбедување нормални хемиски реакции и искористување на ензимите, витамините и на минералите, па соодветно при нарушена функција на тироидната жлезда настанува и нивно отежнато искористување.
Какви заболувања на тироидната жлезда постојат и кои се причините за нивно настанување?
ВРЧАКОВСКА: Постојат два типа нарушување на функцијата на тироидната жлезда: намалена функција на жлездата т.е. намалена продукција на тироидни хормони – хипотиреоза и зголемена функција т.е. зголемена продукција на тироидни хормони – хипертиреоза. Многу почесто во практиката среќаваме нормална функција на тироидната жлезда, а е зголемена на клинички или на ултразвучен преглед (гушавост) или уште почесто тироидни јазли, кои се најчесто безопасни, бенигни, ги сретнуваме кај околу 50 проценти од луѓето по 50-годишна возраст. Многу ретко се работи за малигни промени. Доколку се откријат јазли на тироидната жлезда на клинички преглед или уште попрецизно со ултразвучен преглед лекарот решава дали да се прават натамошни испитувања во зависност од изгледот и големината на јазлите, најчесто само се следат. Имаат висока стапка на наследност, па така, доколку имате член во семејството што боледува од тироидно заболување се препорачува да се направи преглед, особено ако сте жена во генеративен период и планирате семејство. Тироидните болести може да бидат предизвикани од недостиг од јод, медикаменти, зрачење или оперативно отстранување на тироидната жлезда, воспаленија на жлездата и др.
Денес во услови на соодветно внесување јод преку храната најчеста причина е автоимуна реакција т.е. создавање сопствени антитела што ја „напаѓаат” сопствената тироидна жлезда под дејство на генетски фактори или фактори од околината. Фактори на ризик за појава се сметаат стресот, пушењето, бременоста. Автоимуни заболувања на тироидната жлезда се хроничен тироидитис на Хашимото и болеста на Грејвс, се јавуваат во која било возраст и пол, но најчесто кај жените по 20-годишна возраст.
Како се манифестираат болестите на тироидната жлезда? Како да знаеме дали страдаме од хипотиреоза или од хипертиреоза?
ВРЧАКОВСКА: Хипотиреозата или намалената функција на тироидната жлезда може да се манифестира со замор, намалена енергија, сонливост, зголемување на телесната тежина, нетолеранција на студ, опаѓање на косата, сува кожа, запек, пообилно менструално крвавење, неможност за забременување, заборавеност, смалена концентрација, емоционална лабилност, иритабилност. Зад депресијата може да стои нарушена функција на тироидната жлезда, на пример хипотиреозата може погрешно да се протолкува како психичка состојба, па затоа треба да се исклучи пред пациентот да се постави на антидепресивна терапија.
Хипертиреозата може да се манифестира со срцебиење, потење, загуба на телесна тежина, често одење по голема нужда, нервоза, несоница, нарушен мензис, анксиозност, па дури и психоза, влошување на постојно срцево заболување или, пак, срцева слабост како прва манифестација на хипертиреозата, која може да биде фатална доколку не се лекува навремено.
Заболувањата на тироидната жлезда имаат многу маски, кои ние како лекари треба да умееме ги препознаеме. Сепак, во практиката многу често случајно откриваме заболување на тироидната жлезда во иницијална фаза, кога нема симптоми или симптомите се суптилни. Ретки се физикалните промени како што се истакнување на очните јаболка, видно зголемена жлезда или случајно напипување на грутка на жлездата, отекување на потколениците, засипнат длабок глас.
Кои испитувања се потребни за да се открие заболување на тироидната жлезда?
ВРЧАКОВСКА: Состојбата на хипо или хипертиреоза се поставува биохемиски т.е. потребно е иницијално испитување на два хормона и тоа ТСХ (тиреостимулирачки хормон) и ФТ4 (слободен тироксин), ретко по индикација ФТ3 (при сомневање на автономно функционирачки јазол). Се зема венска крв во референтна лабораторија во кое било време од денот, независно од внесената храна. Доколку има потреба, лекарот е тој што индицира дополнителни испитувања. На пример анти-ТПО антитела при сомневање за автоимуно заболување. Дијагнозата се поткрепува со ултразвучен преглед на жлездата.
Како и колку долго се лекува нарушената функција на тироидната жлезда? Потребно ли е нејзино следење?
ВРЧАКОВСКА: Третманот на хипертиреоидизмот подразбира супресија на зголемена функција на тироидната жлезда (антитироидни лекови, зрачна терапија или оперативно отстранување на жлездата), а хипотиреозата се лекува со доживотно надополнување на хормонот-тироксин (L-thyroxin), кој недостига. Овој хормон се зема секојдневно во препорачаната доза наутро, на гладно, еден час пред појадок, а доколку земате препарати како железо за корекција на анемијата, магнезиум, соја, препарати што содржат јод, тие се земаат најмалку четири часа по терапијата. Конвенционалната медицина нуди исклучително ефикасни техники за намалување, елиминација или надоместување на хормонската продукција. Пред да се реши за тоа кој третман е најдобар за вас, лекарот ќе направи процена во зависност од тироидното заболување, вашата возраст, општото здравје и медицинската историја. Неопходно е доживотно следење на функцијата на тироидната жлезда на шест до 12 месеци доколку функцијата се одржува со стабилна терапија или порано во зависност од одлуката на лекарот што ве следи и во зависност од иницијалното заболување.
Дали е возможно, освен со хормонална терапија, на природен начин да се регулира нивото на хормонот тироксин, кој го произведува штитната жлезда?
ВРЧАКОВСКА: На многумина им е тешко да се соочат со фактот дека имаат тироидно заболување, па се потпираат на природни лекови и суплементи, кое може да биде и опасно по живот доколку не го консултирате вашиот лекар. Не постојат научни докази за тоа дека хербалните суплементи, природните препарати, јогата и слично може да ја подобрат функцијата на тироидната жлезда. Лекувањето препуштете му го на избраниот лекар. Да живеете со заболување на тироидната жлезда е константна битка, која не смеете да дозволите да ја загубите!
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.