| четврток, 6 декември 2018 |

Приближно 1.000 советски војници погребани 70 години по Втората светска војна

војници
Останките на 964 советски војници, откриени од доброволци на местото на една од најголемите битки на Источниот фронт во текот на Втората светска војна, денеска беа погребани, два дена пред одбележувањето на 70-годишнината од победата над фашизмот, пренесоа француските медиуми.Приближно 200 лица, вклучувајќи и локални претставници, доброволци  и блиски на војниците загинати во борбите, им оддадоа почит на војниците, чии коски беа положени во повеќе од 50 ковчези.

Доброволците го открија останките во Синјавино, во близина на Санкт Петербург, средиштето на големата советска офанзива во 1942 година, која имаше за цел да ја разбие блокадата на Ленинград, градот што околу една година беше опколен од германските војници.

Во тешките борби на ридовите на Синјавино загинаа десетици илјади советски војници. Условите на фронтот, меѓутоа, не секогаш дозволувале погребување на телата на загинатите војници, кои често пати биле оставани во рововите  и на заедничките гробови. Секоја година руски доброволци откриваат останки на илјадници војници на Црвената армија на некогашните борбени полиња од Втората светска војна, во која животот го загубија најмалку 27 милиони советски граѓани.

Откриените коски се идентификуваат и погребуваат со воени почести.

-Наш долг е да им оддадеме последна почит на војниците, загинати во борбите против нацистите- изјави Вјечеслав Севостјанов, 18-годишен доброволец, кој се занимава со истражувањата.

Крај Синјавино се откриени и погребани останките на приближно 15.000 лица, но само 3.000 беа успешно идентификувани. Многу ретко се открива нешто што ќе дозволи успешна идентификација на војникот – медаља или лични работи, објаснува Севостјанов.

Русија се подготвува многу свечено да ја одбележи 70-годишнината од советската победа над нацистичка Германија. На 9 мај на Црвениот плоштад ќе се одржи досега невидена воена парада, на која ќе продефилираат над 16. 000 војници, 194 оклопни транспортери и 143 авиони и хеликоптери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top