| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ годинава очекува пораст од 4,1 проценти

нбрм

Народна банка на Република Македонија, според најновите макроекономски податоци, очекува порастот на економијата годинава да биде 4,1 проценти, а 4,5 во 2016 година, изјави денеска гувернерот Димитар Богов.

– Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување на слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции со оцени за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платно-билансна позиција која обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво – рече Богов, презентирајќи ги најновите проекции на НБРМ што биле разгледувани на денешната седница на Советот на НБРМ. Советот оценил дека ризиците за остварување на ова макроекономско сценарио произлегуваат од меѓународното опкружување, пред сѐ, од евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски пораст и порастот во ЕУ, како и од неизвесноста поврзана со домашните политички случувања.

Растот на економијата, според НБРМ, и оваа и во наредната година во најголем дел ќе се должи на релативно силниот позитивен придонес на инвестициите, извозот и во помал дел на растот на личната потрошувачка.

Народна банка предвидува надолна корекција на проекцијата за инфлацијата која очекува да биде 0,5 проценти.

Постепено нормализирање на инфлацијата на околу 2 процента НБРМ очекува во 2016 година што е во рамки на октомвриската проекција на банката, движено од закрепнувањето на побарувачката и странската ефективна инфлација.

Народна банка очекува да продолжи солидниот кредитен раст, и во 2015 да достигне 9, а в година 10 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top