| четврток, 6 декември 2018 |

Делегација на АРМ во официјална посета на Војската на Србија

arm

Делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески престојува во тридневна официјална посета на Војската на Србија.

Генералот Котески денеска во Белград беше пречекан со високи воени почести од началникот на ГШ на Војската на Србија, генерал Љубиша Диковиќ.

На официјалната средба во Генералштабот на Војската на Србија соговорниците разговарале за унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии, разгледување на можностите за користење на капацитетите за образование и обука на Војската на Србија и заеднички придонес на двете армии во проектите за регионална соработка.

Во обраќањето за медиумите, генералот Котески истакнал дека соработката со Војската на Србија се развива во нагорна линија, нагласувајќи дека на средбата било понудено користењето на Армискиот полигон (АП) ,,Криволак“ и Центарот за обука на пилоти. Тој се заложил за искористување на искуствата на Војската на Србија од учеството во мисиите предводени од ООН, како и за обука на стручни кадри на АРМ, особено за одредени борбени технички средства во соодветните центри на Војската на Србија.

Искажувајќи го задоволството од соработката со АРМ, генералот Диковиќ нагласил дека Војската на Србија ќе продолжи со придонесот во заедничките проекти, при што истакнал дека покрај поддршката на започнатите проекти за регионална соработка, Војската на Србија ќе ги стави на располагање сите нејзини капацитети и стручен кадар за обука, во зависност од потребите на АРМ. Афирмирајќи ја заложбата за унапредување на билатералната соработка со АРМ, НГШ на Војската на Србија, укажал на можноста од организирање на вежбовни активности на АП ,,Криволак“, но и школување на припадници на Војската на Србија во Центарот за обука на пилоти.

По разговорите со делегацијата од ГШ на Војската на Србија, генералот Котески остварил средба со министерот за одбрана на Република Србија, Братислав Гашиќ на која било констатирано дека одличната соработката на полето на одбраната помеѓу двете држави, претставува силен придонес кон јакнењето на мирот и безбедноста во регионот.

Како што соопшти ГШ на АРМ, во рамки на посетата генералот Котески ќе биде примен и од претседателот на Република Србија Томислав Николиќ.

АРМ со Војската на Србија има развиено одлична билатерална воена соработка, која се одвива на повеќе полиња како што се образованието, обуката, вежбите, воено-медицинската обука и друго.

За време на престојот во Република Србија, НГШ на АРМ ќе ги посети Воената академија, Центарот за симулации, Воено-медицинската академија и базата за обука на Војската на Србија ,,Југ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top