Текстилните компании да вложуваат во технолошки посовремена опрема за поголема продуктивност со што ќе можат да одговорат на конкуренцијата и да останат интересни за соработка, апелира Здружението на текстилната индустрија и конфекција при Стопанската комора на Македонија.
Производството и извозот за оваа година, според проекциите, се нивно задржување на минатогодишното ниво. Присутен е тренд на намалување на бројот на работници поради немање нарачки, но и заминување на кадарот за сезонско работење во странство.
– Во идниот период, гледајќи ги државите од Балканот, Србија и Бугарија и мал дел во Албанија, нашите менаџери во конфекциите ќе мора да обрнат големо внимание на вложување во современи машини, во апарати и особено автоматски машини, да ја зголемат продуктивноста. Притисокот преку цените и порастот на платите на вработените ќе ги принудат да мораат да вложуваат во таква опрема. Анализите покажуваат оти фабриките во Бугарија се многу подобро опремени од тие во Македонија- рече Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната индустрија.
Притисокот врз цените, истакнува, и натаму ќе биде присутен и единствен начин да го ублажиме е да вложуваме во современи машини кои ќе заменат четири работници.
Платите, според Димитров, може да растат и до 300 евра, но тогаш ниту една наша компанија, како што рече, нема да биде пожелна за работа со странските партнери. – Ќе заминат во држави како Бангладеш, Пакистан, Индонезија, …каде платите се уште се многу мали, 30 до 40 долари – додаде Димитров.
Според анализите од германската „Вајс консалтинг“, платата во текстилната индустрија во Македонија е 8 до 9 евроценти на производна минута, во Србија 9, Бугарија 10 до 11, а во Албанија 7 до 8 евроценти. Со тие цени, истакнува Димитров, се уште можеме да бидеме интересни за големите производители во текстилниот сектор.
Нова тенденција во домашната индустрија, укажуваат од Здружението, е што дел од нашите компании почнале одредени помошни материјали (кутии, картони) и дополнителни услуги, (перење, печатење,..) да ги прават во Македонија. На тој начин се зголемува додадената вредност во вкупниот извоз.
На состојбите во текстилниот сектор, укажа на прес-конференција Димитров, влијае и растот на доларот во однос на еврото. Во долари се плаќаат најголем дел од увозните репроматеријали за домашните текстилни фабрики од далечниот Исток и Кина, а во последно време и од Турција.
Порастот на доларот во однос на еврото, посочи Димитров, може да донесе нова соработка за домашниот текстилен сектор со компании од Европа, особено од скандинавските држави каде што произведуваат класичен увоз од земјите од Далечниот исток и го плаќаат во долари. Тоа се случува со Финска, Данска, Норвешка. Досега се уште не е направена некоја поголема зделка, а најголем трговски партнер и натаму е Германија.
Многу македонски конфекции остануваат без работа и поради вакумот што се создава на крајот на април и почетокот на мај, како и на почетокот на октомври, кога се менува летната со зимска сезона.
Статистичките податоци покажуваат дека во првите два месеца од годинава од Македонија се извезени 96,5 милиони долари текстилни производи, што претставува намалување во однос на истиот период од минатата година кога извозот изнесувап 112 милиони долари. Увозот во јануари и во февруари е со износ од 68 милиони долари, а лани во истиот период изнесувал 98 милиони долари.
Во 2014 година е остварен вкупен извоз на текстилните производи од 849 милиони долари од кои 78.6 милиони долари текстилни ткаенини и 670 милиони долари извоз на готови текстилни производи, односно 15,2 проценти од вкупниот извоз. Лани вкупниот увоз изнесува 604,7 милиони долари, облека со 79 милиони долари и текстил со 525 милиони долари или 8,3 проценти од вкупниот увоз на државава.
Бројот на вработени во текстилната индустрија, според статистиката, постепено се намалува. Во 2007 година изнесувал 43.848, а лани во овој сектор работеле 35.348 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст