| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележани 112 години од смртта на Гоце Делчев

goce

Македонија денеска одбележува 112 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Одбележувањето почна со панихида на гробот на Македонскиот револуционер во црквата „Свети Спас“ и со положување цвеќе од страна на делегации од Владата на Република Македонија, Собранието, Кабинетот на Претседателот, од Град Скопје, како и од повеќе здруженија и организации.

goce2

Цвеќе беше положено и на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

За професорот Никола Жежов овој ден е голем, но истовремено и тажен за историјата на Македонија.

goce3

– Гоце Делчев со неговото дело и револуционерна дејност остави траен печат во македонската историја. Тој е еден од основоположниците од Македонската револуционерна организација и народен водач кој што беше препознатлив од името на организацијата. Делчев бил основач на четничкиот институт на организацијата, бил еден од главните ревизори на четите, човек кој што го уредил четничкиот институт на МРО- истакна Жежов.

goce4

Според Жежов, има документи кои се објавени во архивската граѓа кои, како што кажа, сведочат за убиството на Гоце Делчев.

– Дел од македонските историчари сметаат дека се работи за предавство од страна на некои локални селани, меѓутоа тој кој што бил обвинет за предавството на Делчев, организацијата врз него никогаш не извршила егзекуција – појасни Жежов и додаде дека се уште останува мистерија тоа кој навистина го предаде Делчев.

goce5

Гоце Делчев бил роден на 4 февруари 1872, а загинал во предвечерието на Илинденското востание, на 4 мај 1903 година во селото Баница, Серско, во борби со османлиската војска која го опколила селото.

goce6

Неговите посмртни останки прво се чувале во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Посмртните останки на Делчев на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата „Свети Спас“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top