| четврток, 6 декември 2018 |

Почина славната руска балерина Маја Плисецкаја

Славната руска балерина Маја Плисецкаја починала во вторникот во Германија на 90 годишна возраст, како последица на масивен срцев, пренесуваат руските медиуми повикувајќи се на директорот на московскиот Баљшој театар кој контактирал со семејството на големата уметница.

„Контактиравме со сопругот на балерината Родион Шчедрин. Таа починала од тежок срцев удар. Лекарите се бореле за нејзиниот живот, но не можеле ништо да сторат“, изјавил директорот Владимир Урин.

Во биографијата на Маја Плисецка е наведено дека е родена на 20-ти ноември 1925 година во Москва. Во 1934 година била примена на Московската кореографска школа, а нејзиното школување е одбележано со прогонот на нејзините родители од тогашниот советски сталинистички режим, а потоа Плисецкаја во годините на Втората светска војна заедно со мајка ѝ која се вратила од затвор, биле евакуирани.

Долгиот чекор, високиот скок, прекрасната ротација, експресивните раце, нејзиниот уметнички темперамент и извонредното чувство за музиката, се оцените на балетските стручњаци за младата Плисецкаја. На една од сцените на Баљшој театарот дебитирала на 21-ви јуни 1941 година на дипломскиот концерт,а две години подоцна на 1-ви април 1943-та Маја Плисецкаја со највисоки оценки ги минува завршните испити и била примена во трупата на славниот московски театар, една од најголемите уметнички куќи во светот.

Како и повеќето млади штотуку дипломирани уметници недостигот од соло партии Плисецкаја го надоместувала со настапи на разни концерти. Тогаш на московските сцени се поставува „Смртта на лебедот“ на Камиј Сен-Санс, нумера којашто таа ќе ја танцува целата кариера. Ќе остане запаметена како балетски уметник кој никогаш не сакал да повторува и постојано ги менувала изведбите, излегувајќи на сцената од разни кулиси, и давајќи со ликот акцент на крајната позиција. Останувало непроменето само она што ја прослави низ целиот свет, лебедовото движење на рацете.

Незаборавни за публиката и за критиката се нејзините интерпретации на Одета-Одилија во „Лебедово езеро“, кои оценуваа дека „движењето на невообичаено подвижните раце и телото на балерината, создаваат впечаток на трепетот на крилјата на лебед кој броди, кога девојката се претвора во птица“. Одета во исполнување на Маја Плисецкаја стана светска уметничка легенда, а движењето на рацете на балерината се споредуваа со движење на разбранувана вода, со извивањето на лебедовите крилја, или едноставно беше нарекувано „нечовечко“.

Плисецкаја работеше во Баљшој театарот до 1988 година. Брилијантна во големите класични улоги, танцуваше во Баљшој речиси 50 години и за многукратно ја надмина возраст на која класичните балерини заменуваат во пензија.

Во историјата на балетот влезе со нејзините улоги во „Лебедово езеро“, „Камен цвет“, „Заспаната убавица“, „Спартак“, „Жизел“, „Рајмонда“ и др, во кои го искажа својот редок актерски талент.

По завршувањето на танчарската кариера, Плисецкаја ги освои позитивните оцени на критиката и како талентиран кореограф, поставувајќи ги на сцената „Ана Каренина“, „Галеб“, „Дамата со кучето“, во кои настапи и во главните улоги. Во Рим во 1984 година го постави балетскиот спектакл „Рејмонда“ на Глазунов.

Плисецкаја е носител на најголемите уметнички признанија и државни одликувања во поранешниот Советски сојуз, и подоцна во Русија, како и на многу странски национални одликувања.

Како актерка се појави и во филмовите „Ана Каренина“ и „Чајковски“, во телевизиските екранизации на балетите „Болеро“, „Исидора“, „Кармен – суита“, „Дамата со кучето“, и во телевизиските филмови „Фантазија“, „Галеб“… За нејзиниот творечки живот, исто така, се снимени неколку документарни и концертни филмови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top