| четврток, 6 декември 2018 |

Црно Море стана нова маршрута на мигрантите кон ЕУ

мигранти

Враќање или да се остават мигрантите кои сакаат да стигнат до ЕУ да загинат во море е целосно неприфатливо, изјави романскиот премиер Виктор Понта денеска во интервју за Ал Џезира, цитирано од романската агенција Аџерпрес.

– Не можеме да кренеме ѕид пред луѓето кои сакаат да стигнат во Европа – истакна Понта, кој од вчера е во посета во Катар во рамки на турнејата во земјите од Персискиот Залив.

– Неприфатливо е ЕУ да каже дека не може да се стори ништо друго освен да се вратат овие луѓе – додаде тој. Според Понта, ЕУ треба да обезбеди дополнителни средства и да го подобри механизмот за интеграција на имигрантите.

– Ни требаат политики со кои ќе ги интегрираме повеќето од нив. Ова е одговорот на мојата земја, единствениот демократски одговор – изјави тој.

Според зборовите на Понта, сите европски држави можат да си дозволат да прифатат имигранти. Тој смета дека, сепак, „екстремни и популистички политичари го користат прашањето за имиграцијата во политичката битка, што е спротивно на европските вредности“.

– Треба да сме подготвени за нови бранови мигранти – предупреди Понта и воедно призна дека Црното Море се претвори во нова рута за мигрантите на патот кон ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top