| четврток, 6 декември 2018 |

Ги остваривме најдобрите економски резултати во независна Македонија

На денешниот Конгрес во Куманово Никола Груевски во својот отчет за сработеното во изминативе четири години, со прецизни бројки ги образложи постигнатите резултати, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ на дело покажала дека може да обезбеди перспектива за граѓаните на Република Македонија.

Високиот економски раст е основниот начин за зголемување на вработеноста и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Најважниот услов за тоа да се случи е континуираното унапредување на поволната бизнис клима и одржувањето на вкупните трошоци за работа на компаниите меѓу најниските во Европа, натамошното подобрување на инфраструктурата и правната сигурност, како и подобрување на знаењето и вештините на работната сила стекнати во образовниот процес, рече Груевски.

Политиките кои Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, успешно ги спроведуваше во изминатиот период, овозможија да се остварат најдобрите економски резултати во независна Македонија.

Македонија оствари втор највисок економски раст во Европа во 2013та и во 2014 година! минтата година оствари раст на БДП од 3,8%, И во 2015 година се очекува да оствари втор највисок раст на БДП од 3,5%, истакна тој.

Индустриското производство, додаде Груевски, континуирано расте 18 месеци по ред.

Во 2014 година бруто-инвестициите достигнаа историски највисока стапка од 30,6% од БДП. Во однос на 2006 кога истите изнесуваа 20,5%, бруто инвестициите се повисоки за 10 процентни поени. Македонија, според сите меѓународни статистики, е со ниско до умерено ниво на задолженост и во делот на државниот долг и во делот на надворешниот долг.Во март 2015 државниот долг изнесува 36,0% од БДП, а јавниот долг изнесува 43,6% од БДП, истакна Груевски.

Тој додаде дека девизните резерви во март 2015 година достигнале 2.355 милиони евра и во однос на 2006 година се зголемени за скоро милијарда евра (938 мил. евра). Девизните резерви во 2014 обезбедуваат 5,3 месечна покриеност на увозот на стоки и услуги.

Извозот во 2014 година изнесува 3.723 милиони евра и е зголемен за 15,9%, односно 511,2 милиони евра споредено со 2013 година. Тоа е историски највисоко ниво на извоз од осамостојувањето на Република Македонија. Во првите два месеци од 2015 година извозот изнесува 590,6 мил.евра што е за 14,4% повеќе во однос на истиот период во 2014, истакна Груевски.

Во 2014 година извозот само ТИРЗ, како што нагласи Груевски, достигнал скоро 1,2 милијарда евра, што претставува раст од 52,6% споредено со истиот период од 2013 година и сочинува над 31,4% од вкупниот извоз.

Во првите три месеца од 2015 година извозот од ТИРЗ достигна скоро 322 мил. евра, што претставува раст од 27,8% споредено со истиот период во 2014 година, рече тој.

Додаде и дека вкупните депозити во март 2015 година забележаа раст од 8,4%, при што денарските депозити растат со стапка од 11%, како и дека Растот на вкупните кредити изнесува 9,2% на годишна основа.

Премиерот истакна и дека од 2011 година до сега за земјоделците издвоиле, исплатиле и исплаќаат 670 милиони евра за земјоделските субвенции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top