Блокадата за нашето одамна заслужено место во ЕУ и НАТО беше еден од големите предизвици со кои се соочивме во изминатиот четиригодишен период. Сепак, ние не се откажуваме, и ќе продолжиме да се бориме и да бараме начини да ја оствариме целта, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски во обраќањето на 15. Конгрес на партијата во Куманово.
Тој посочи дека во периодот помеѓу двата конгреса, Македонија продолжи да добива позитивни извештаи од ЕУ со препорака за почеток на преговорите, кои за жал, вели, заради противењето на јужниот сосед не започнаа, а пресудата добиена во Хаг во 2011 година, како ветер во грб, рече, не беше доволна за деблокада на процесот.
Потстети дека на самитите во Кардиф и во Чикаго беше потврдено дека Македонија ги исполнува сите услови и стандарди за полноправно членство во НАТО алијансата и дека Македонија продолжи да се однесува како да е членка на НАТО, во делот на испраќање војници во мировните мисии.
Во изминатите четири години, финасиската криза кај јужниот сосед, посочи Груевски, беше најчестиот изговор за непосветеноста на ова прашање, која беше изразена со ексремно тврди позиции од нивна страна, кои ја вклучуваат промената на Уставот на Република Макеоднија со цел смена на уставното име, ниту пак се виде расположение за прифаќање на идентитетот на Македонците. Сите наши обиди, и обидите на нашите пријатели и поддржувачи, додаде, завршуваа со одговорот од некого дека грчката Влада, заради домашните проблеми не е во можност за постигнување на компромис по ова прашање,а од истите причини и големите сили не сакаат да и направат некој поголем притисок.
– Фрустрирачки е да се зборува за ова прашање во кое е содржана голема неправда кон нас. Сепак, ние не се откажуваме, и ќе продолжиме да се бориме и да бараме начини да ја оствариме целта. Нашите позиции по ова прашање се познати и се внесени и во сите наши изборни партиски програми до сега. Нема да прифатиме промена на Уставот со цел промена на уставното име, нема да прифатиме идеи и предлози што ќе го нарушат македонскиот национален идентитет, македонската нација и македонскиот јазик. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи какво било решение и каков било компромис за спорот кој го наметна Грција, да бидат прифатени од страна на поединци политичари, влада или парламентот, без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните преку референдум, и мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на тој референдум да се согласи за тоа решение – изјави Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Груевски, како одговорна партија, ориентирана кон членство во ЕУ и во НАТО, ќе ги продолжи разговорите со Грција за наметнатиот спор, со јасно изградени позиции, и при тоа укажа на дезориентираноста на опозицијата по ова прашање
– Ја гледам опозицијата како дезоирентирано те не напаѓа дека сме многу тврди и непопустливи, те дека сме биле спремни да ги продадеме националните интереси, идентитетот и слично. Па ако бевме спремни да ги продадеме, еве имавме 8 години и 8 месеци, доволен период да го направиме тоа. Сакам да им порачам, ова не е прашање со кое треба да се тера дневна политика и не е е воопшто лесно прашање за решавање. Да беше лесно, СДСМ ќе го решеше или до 1998 година, или помеѓу 2002 и 2006. Не е дека немале шанса или време. Ама не го решија. Затоа, ако не можат да помогнат, барем нека не одмагаат. Заев толку многу верува дека со телевизиски настап во Грција може да го реши прашањето, што слушајќи ги неговите планови, не можам а да не се насмеам, колку и да звучи ступидно сето тоа, рече Груевски.
Според него, мора да продолжиме да градиме меѓународни пријателства и поддршка по ова прашање.
– Иако официјално земјите членки на ЕУ и даваат солидарна подршка, сепак тие внатре во себе се свесни дека ова е неправда и некоректен однос на Грција, и дека мора што побрзо да се надмине. Се разбира, секоја спремност на Грција за дијалог не треба да се пропушти, но мораме да работиме на градење моментум кој треба да се искористи. Секој нов проблем на домашен план, од типот на актуелните т.н. бомби на Заев, ни го одлага тој моментум, и и помага на Грција, посочи Груевски.
За да ја докаже радикалната и националистичка позиција на Грција, тој посочи дека воделе разговори со различни страни и партнери од меѓународната заедница и успеале да ја разобличат нивната непопустливост во очите на партнерите од меѓународната заедница.
– Ние ќе продолжиме да ги правиме максималните напори за изнаоѓање пат до решение и во тој контекст ќе правиме максимални напори и за дијалог со Грција. Нашата стратешка цел беше и останува, влез во НАТО и во ЕУ, рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


