| четврток, 6 декември 2018 |

Македонци спречени да гласаат во Струга – ги немало во избирачкиот список

Голем број граѓани, Македонци, денеска се пожалија во општинската изборна комисија во Струга поради тоа што ги нема на единствениот избирачки список, јавува МИА.

Иако со валидни лични карти, сепак, дел од нив велат дека кога отишле да го остварат своето право на глас биле вратени затоа што ги немало нивните имиња на избирачкиот список каде што досега гласале.

– И кај нас имаше три до четири вакви случаи, но ги упативме до општинската изборна комисија за да видат на кое избирачко место припаѓаат – изјави Сервер Шашко, претседателката на избирачкиот одбор во гласачкото место 1851 лоцирано во просториите на Агенцијата за вработување во Струга.

Претседателот на ОИК Џенгис Хани, потврди дека вакви случаи веќе се обратиле до комисијата, но, како што рече, ОИК не е надлежна за избирачкиот список.

Инаку, изборниот ден во Струга каде што на 78 избирачки места се гласа за еден од вкупно тројца кандидати за градоначалник и меѓу пет советнички листи се одвива мирно и без поголеми проблеми.

Според последните информации од ОИК, до 13 часот на гласање излегле 40,3 проценти од граѓаните со право на глас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top