Македонија бележи намалување на сивата економија, но е лидер во регионот според бројот млади вработени „на црно“, беше речено денеска на тркалезната маса организирана во рамки на проектот „Даноци, неформална економија и корупција на земјите од Западен Балкан“.
– Со околу 45 проценти, водиме во регионот во однос на стапката на неформалното вработување на младите што е сигнал дека треба уште повеќе да вложуваме напори за негово сузбивање, истакна Горан Велески од Министерството за труд и социјална политика.
Справувањето со неформалната економија, додаде Велески, е меѓу стратегиските приоритети на Владата. Се креираат различни мерки и политики во оваа насока, а една од нив е изработката на акциски план кој ги влучува пред се инспекторатите.
– Многу е битно населението да се едуцира, особено младите луѓе уште од школските клупи да научат да се почитуваат себе си и да знаат да кажат „не“ на работата на црно, истакна Билјана Чкламовска, правен експерт, вклучена во проектот за даночна политика.
Според неа, од вкупната економија во државата, 30 отсто се нерегистрирани дејности кои избегнуваат плаќање даноци. Работата на црно е најзастапена во туризмот, угостителството, градежништвото, чевларската индустрија, медиумите, занаетите (фризери, козметичари, куќни помошнички), таксистите,…
– Најголем процент на неформална економија имаше во времето на транзицијата кога се створија армии на невработени. Но, сега, со владините активни мерки и залагањаата на синдикатите, процентот е намален, беше 43, а сега е 30, посочи Чкламовска.
Присутните на тркалезната маса имаа можност да ги слушнат препораките на експертот од Европската унија Мартин Хутсбаут кој ги анализира состојбите со сивата економија во регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Хутсбаут во својот извештај за даночните и буџетските политики во државите од ЕУ и од Западен Балкан, меѓу другото вели: „за да се заштити стандарот на живеење на работниците, потребно е редовно приспособување на даночните скали“.
– Што се однесува до оданочувањето на приходите на трудот, данокот со рамна стапка не е фер, бидејќи тоа го нарушува основниот принцип – „најшироките рамена треба да го носат најголемиот товар“. Овој приход треба да се оданочува според прогресивна скала. Во Франција, Германија и во Белгија, прогресивниот данок изнесува 6 проценти, 12 проценти, 21 процент. Не може тој што заработува многу и што заработува помалку да плаќа исто, рече Хутсбаут.
За поефикасен даночен систем и постигнување социјална правда, подвлекува експертот од ЕУ, даночното затајување и даночната измама треба да бидат решени.
– За намалување на данокот на труд, може да се воведат и еколошки даноци за енергија, транспорт и загадување, додека за социјална правда треба да се примени одредена прогресивност кај ДДВ даноците, посочи Хутсбаут.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.